Од тетовската противпожарна единица велат дека до 20:15 часот интервенирале со испумпување вода од 13 куќи во Мала Речица, каде што се поплавени дворови, подруми и приземните катови од објектите
Поплавени куќи, гаражи, дворови и улици се штетите од невремето кое вечерва ги зафати Тетово и Тетовско, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од невремето, кое било проследено со дожд, град и грмотевици, поплавени се дел од улиците, посебно кај касарната на влезот во Тетово.
„Во улицата спроти касарната поплавени се гаражи и дворови, а сопствениците поставуваат соодветни бариери за заштита од водата да не навлезе во домовите“,
велат од ЦУК.
Поради поплавените улици во овој дел од градот, од ЦУК велат дека отежнато се одвива сообраќајот.
Поплавени куќи имало и во Мала Речица.
„До 20:15 часот интервениравме со испумпување на вода од 13 куќи во Мала Речица, каде се поплавени дворови, подруми и приземните катови од објектите. Кај касарната имаше задржување на вода на улиците, но со оглед на направен т.н. бај-пас успеано е водата да не навлезе во дворовите“,
вели Авни Амети, командир на тетовската противпожарна единица, пренесува МИА.
Во поплавените делови од Тетово екипи на Територијалната противпожарна единица веќе вршат испумпување на водата од поплавените објекти, а екипи од тетовското Јавно комунално претпријатие интервенираат со соодветна механизација.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) велат дека попладнево Тетово и околината се зафатени со нестабилна облачна маса проследена со пороен дожд и грмежи. Последните податоци од УХМР за до 20 часот, покажуваат дека во Тетово има наврнато 50 литри дожд на квадратен метар.