Николоски: Се гледаме на масовни демонстрации по македонските градови и села, заедно со граѓаните ќе ја собориме оваа власт

„Ќе се гледаме по македонските градови и села. Оваа коалиција ќе биде срушена на масовни демонстрации по македонските градови и села, коишто ќе почнат уште оваа есен. Се гледаме на демонстрации, заедно со граѓаните да ја собориме оваа власт, којашто ќе е влада со најкраток мандат во историјата на независна Македонија“, порача пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ – Александар Николоски, до новата влада и до граѓаните, на денешната собраниска седница.

Како причини за демонстрациите што ќе ги поведе опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Николоски го посочи немањето на капацитет на предложената (и досегашната) влада за запирање на поларизацијата, немањето капацитет за реализација на ветувањата, но и фактот, според него, што народот се чувствува излажан и несоодветно претставен во оваа влада.

Претходно во обраќањето, Николоски ја оцени новата влада како „влада на лагата“:

„Оваа влада во суштина е влада на лагата, затоа што СДСМ во изборите ветуваше коалиција без ДУИ, а ДУИ ветуваше премиер. Заради коалиција без ДУИ дел од гласачите гласаа за СДСМ, а заради премиер дел од гласачите гласаа за ДУИ. Денеска гледаме дека ветувањата не важат, гледаме дека ветувањата важат до завршување на изборната кампања и дека после тоа на сцена стапуваат интересите“, рече Николоски.

Тој исто така обвини и дека новата влада ќе претставува континуитет на криминалот и корупцијата од претходните три години владеење, кои достигнале, како што рече, и до врвот на претходната, а еве и на новата влада, алудирајќи пред сѐ на Заев.

Според Николоски, новата влада претставува и коалиција на изборни измами, затоа што се вршел поткуп, притисоци, немало соодветен мониторинг на изборите, а се делеле и картички, селективно, каде што се очекувале гласови, со тоа злоупотребувајќи ја корона-кризата.

Прочитајте и:  Николоски: Ако сработиме добро со Франција, дипломатски тешкаш за едно попладне во Софија би го решил проблемот

Злоупотреба на стравот од пандемијата, според него, имало и кога се одложиле, па се закажале изборите во период кој на СДСМ ѝ одговарал, на што Николоски ја припиша „исклучително ниската излезност“ на изборите. Тоа го руши легитимитетот на избраните пратеници, додаде тој:

„Како никогаш во историјата на Македонија имаме избрани пратеници кои не тежат ни 4.500 гласа, споредено со изборни циклуси кога еден пратеник тежел и 10.000 гласа. Тоа е вистината за овој парламентарен состав и ова мнозинство коешто ќе даде поддршка на оваа влада“.

Николоски критикуваше и за економијата, како еден од најважните аспекти, и за „дупката во буџетот“ која, како што истакна, не е резултат само на корона-кризата, туку и на недомаќинското работење на владата.

При крајот на обраќањето, Николоски се осврна и на преговорите за членство во ЕУ, изразувајќи надеж дека по три години ветувања за датум тие конечно ќе започнат. Но, исто така, Николоски праша и зошто воопшто не се споменува можното вето од Бугарија и нивните барања за македонскиот јазик и клучните национални херои, и дали молкот значи дека владата ќе се откаже од „македонски јазик“, прифаќајќи ја флоскулата „официјален јазик“ како што бара Бугарија, и дека ќе се преговара и околу етничката припадност на Гоце Делчев и останатите личности од македонската историја.

Поради сето наведено, заврши Николоски, народот, предводен од ВМРО-ДПМНЕ, ќе излезе по градовите и селата и ќе ја сруши оваа власт.

- Реклама -