Николоски: Во сабота ќе се случи најголемиот собир досега во Македонија

„Во сабота ќе се случи најголемиот собир виден години наназад во Македонија, има одлична атмосфера и во Скопје и низ цела држава, има силна енергија и еуфорија, насочена кон локацијата каде ќе биде протестот пред владата, со цел рушење на оваа влада на СДСМ и ДУИ. Очекувам преку 100.000 луѓе да дојдат на тој собир“, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ – Александар Николоски, во гостување во  „Јади бурек“ на ТВ Сонце.

По толку масовен протест секоја одговорна влада би си заминала, оцени Николоски, но бидејќи владата на Ковачевски не е одговорна влада, како што рече, ќе следат низа активности кои ќе доведат до предвремени парламентарни избори.

„Ова ќе биде најголемиот собир кој треба да стави крај на ова владеење на СДСМ и ДУИ. Одговорна влада после таков собир треба да си замине. Не очекувам дека Ковачевски ќе рече дека си оди, но после тоа продолжуваме со протестно лето, кое ќе значи крај на оваа влада и очекуваме предвремени парламентарни избори. Ги повикувам граѓаните да бидат дел од оваа промена што се случува во Македонија“, потенцираше Николоски.

Прочитајте и:  Николоски за набавката на електрични автобуси: Идејата е да се плаќа четири години на осум рати, на секои шест месеци

Според него, власта е исплашена од масовноста и се обидува да ги одврати луѓето, а тоа го прави во две фази:

„Првата фаза е со креирање афери или пресудата за одземање на имотот на партијата. Кога видоа дека тоа не помина, сега одат со демотивирање на луѓето. Прво вкупно полицијата има капацитет да запре 5 до 7 автобуси, а ние очекуваме 100.000 луѓе, толкава маса на луѓе што никој нема да може да ги запре“, истакна Николоски.

Николоски е уверен дека секој кој мисли дека актуелната влада не е добра ќе даде поддршка за протестот.

Како што рече, ќе има три рути за движење на истиот.

„Ќе има три рути за движење: Едната од пред Собрание, втората рута од кај Сити Мол во Карпош и третата од МТВ, и ќе завршуваат пред владата. Оваа голема бројка која ја очекуваме нема да го исполни протестот, ќе има луѓе на местото Гоце Делчев и делот кај Пошта и за нив ќе има големи видео бимови да го следат настанот“, рече Николоски.

- Реклама -