„Дел од планот за борба против корупцијата се и одлуките кои поминаа низ владината процедура, со кои се намалува бројот на членови на управни и надзорни одбори од 15 на 7 на државно ниво, а на локално на 5“, рече во гостувањето на „ТВ21“ вицепремиерот за борба против корупција и криминал – Љупчо Николовски.
„Во политика не се влегува поради привилегии, туку како сервис на граѓаните. И не треба да имаме цел да бидеме дел од управни и надзорни, но ќе се гледа и стручноста – на пример членови да бидат правник, економист, а ќе се разгледува и висината на паушали итн“, посочи тој.
Николовски појасни дека со посебна постапка ќе се бираат членовите.
„Влезени сме во постапка за ограничување на службените трошоци; денеска за тоа има строга процедура и се вклучени 1.300 институции, а ќе донесеме и одлука за употребата на службените возила – да не се користат од дома до работа и обратно, само за службени потреби. И секако, и паркирањето да биде на точно определени места. Да се докаже зошто се присуствувало на состанокот и кој сѐ бил присутен, едноставно да се направи запсиник. Тоа веќе испраќа порака дека не се влегува во политика заради моќ и позиции, туку како сервис на граѓаните“, рече Николовски.