Нинисто: Влезот на Финска во НАТО може да ги зголеми тензиите

Aплицирањето на Финска за членство во НАТО би претставувало „голем ризик“ што може да ги зголеми тензиите во Европа, предупреди финскиот претседател Саули Нинисто, нагласувајќи дека земјата, по нападот на Русија на Украина, бара начини да ја подобри својата безбедност.

„Нашата почетна точка е да бараме нешто друго, наместо само да продолжиме вака, како досега“, рече Нинисто за „Фајненшл Тајмс“.

Според него, Финска има две главни опции – едната е членството во НАТО, додека другата е зајакнување на одбраната со САД и соседна Шведска. И двете опции нудат предности за подобрување на безбедноста на земјата, но, како што рече, вклучуваат и ризици.

„Нашето членство може да изгледа како нашата грижа да е завршена. Но, сите алтернативи вклучуваат ризици кои треба да ги видиме. Во моментов најголем ризик е ескалација на ситуацијата во Европа“, потенцираше финскиот претседател.

Според резултатите од анкетата спроведена од јавниот сервис „Yle“ минатата недела, поради руската инвазија на Украина, за првпат мнозинството од Финците сакаат земјата да стане дел од НАТО алијансата. Имено, за таквата опција се 62 отсто од возрасните граѓани, а 16 отсто биле против. Како што посочува „Фајненшл тајмс“, со децении наназад поддршката на Финците за членство во НАТО се движеше околу 20 отсто.

Прочитајте и:  Дуда: Зеленото светло од САД за напади во внатрешноста на Русија може да биде одлучувачко за војната

Доколку финските политичари го поддржат членството во НАТО, тогаш поддршката од народот би била 74 отсто, се додава во истражувањето на „Yle“.

Во меѓувреме, пишува Financial Times, финската Влада подготвува „бела книга“ за безбедносните опции, вклучително и за потенцијалното членство во НАТО, а Парламентот е подготвен да одлучи за тоа прашање во текот на следните неколку месеци.

Меѓу земјите-членки на ЕУ, Финска има најдолга граница со Русија, во должина од 1.340 километри.

Извор: МИА

- Реклама -