Топ верзиите на следната генерација на Nissan Leaf ќе можат да минуваат околу 400 километри со едно полнење. Тоа е за двапати поголема автономија од онаа на сегашната европска верзија на моделот.
Јапонската компанија планира да лансира неколку модификации на новиот Leaf, а секоја ќе располага со батерии со различен капацитет. Така верзиите на електричниот модел ќе се разликуваат по максималната автономија, динамичките карактеристики и природно – по цената.
„Замислете еден стандарден модел кој доаѓа со голема палета мотори и споредете го со нашиот производ. Ние ќе го нудиме апсолутно истото, со електрични мотори, но со многу поголеми предности и „чисти“ машини“, коментираат од Nissan, прецизирајќи дека новиот Leaf ќе излезе на пазарот во 2017 година.
Во моментов Leaf доаѓа со акумулатори со капацитет 24 kW/h, а новата модификација која пристигнува наскоро ќе располага со 30 kW/h. Нејзината автономија ќе биде околу 260 километри, а премиерата ќе биде на автосалонот во Франкфурт, во септември. Сегашниот Nissan Leaf располага со електромотор со 109 КЅ. Досегот му е околу 180 километри.
Ова е најпродаваниот и најпопуларниот електромобил во историјата на електричните остварувања и ова е неговата втора генерација. Досега од моделот се продадени близу 175.000 примероци.