Осло, 6 октомври 2022 (МИА) – Владата на Норвешка наредната година очекува рекордни приходи од продажба на нафта и гас, речиси една петтина повеќе отколку годинава и петпати повисоки од 2021, благодарение на проценетото повисоко производство и „скокот“ на цените.
Цените на гасот во Европа се повисоки поради намалените залихи од Русија. Западните земји воведоа санкции против земјата поради нејзината инвазија на Украина.
Најголемиот европски снабдувач со гас и голем светски производител на нафта, Норвешка, очекува идната година да испумпува 4.3 милиони барели нафтна дневно. Тоа е за 200.000 барели дневно повеќе отколку годинава. Поради растечките цени, тоа ќе ѝ донесе голема заработка.
Во нацрт-буџетот за наредната година, Министерството за финансии на Норвешка прогнозира раст на приходите од нафта и гас на рекордни 131 милијарди долари, пишуваат дел од светските медиуми.
Иако Осло тврди дека „скокот“ на цените на гасот не е во долгорочен интерес на земјата, таа ги отфрли повиците за ограничување на цените. Според Осло, тоа нема да ѝ помогне на Европа да обезбеди повеќе енергија.
Во нацрт-буџетот, Министерството за финансии најави и дека планира наредната година да ја намали потрошувачката од државниот пензиски фонд за буџетско финансирање за да ја ограничи инфлацијата.
„Иако економијата покажува знаци на забавување, инфлацијата е на највисоко ниво од 80-тите години на минатиот век. Затоа е потребен штедлив буџет каде се намалува потрошувачката од глобалниот пензиски фонд на Владата“, се истакнува во соопштението.
Се очекува инфлацијата годинава да достигне 4,8 отсто и да падне на 2,8 проценти во 2023 година.