Норвешкиот министер за одбрана, Торе О. Сандвик, во интервју за ТВР Ворлд изрази уверување дека Русија “нема никакви шанси” во можен воен конфликт со НАТО. Тој истакна дека воената супериорност на Алијансата, особено во воздухопловните сили, би bила клучна. За разлика од ситуацијата во Украина, каде што ниту една страна нема комплетна контрола над воздухот, Сандвик верува дека НАТО би успеал брзо да воспостави воздушна доминација во било кој конфликт.
„НАТО располага со импресивна сила и би имал комплетна контрола над воздушниот простор“, изјави министерот, нагласувајќи ги напредните ловци од петта генерација и интегрираните операции кои комбинираат воздушни, морски и кибернетски капацитети.
Неговите коментари доаѓаат во време на растечка загриженост кај балтичките и нордиските држави за потенцијални инциденти во Балтичкото Море, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски и шведските безбедносни служби упатуваат предупредувања за ризикот од ескалација и хибридни притисоци.
Сандвик исто така нагласи дека Русија е значително ослабена поради конфликтот во Украина. „Владимир Путин не може да победи во Украина. Против НАТО нема шанси“, рече тој, истакнувајќи дека руските копнени сили претрпеле значителни загуби и дека нивната воена позиција е ослабена и во арктичкиот регион и долж норвешката граница, без оглед на зголемените активности во подводните и воздушните операции.
На крајот, Сандвик апелираше Европа да ја зголеми инвестицијата во одбраната и индустриското производство, со цел да ја зајакне долгорочната безбедност и да ја поддржи Украина во напорите да се сопре Русија. Во меѓувреме, Норвешка ги проширува своите соработки со сојузниците, вклучувајќи заедничка набавка на нови подморници со Германија и поголема интеграција во нордиските одбранбени системи.




