Кремите за сончање се релативно нова технологија, која грубите почетоци ги има некаде во 1940-тите. На пример, американската FDA (Администрација за храна и лекови) воведе стандарди на тестирање и етикети како „заштита од широк спектар“ дури во 2011. Згора на тоа, до ден денес уште не знаеме кои се ефектите од пропуштање на сите тие активни состојки во кремите за сончање преку кожата во крвотокот.
Истражувањата покажуваат дека дел од наночестичките (како цинкот) се безбедни, но и дека некои хемиски UV филтри можат да предизвикаат нарушувања во хормоните. Затоа дерматолозите експериментираат со нова форма на сончева заштита. Студијата објавена во Nature Materials, на пример, сугерира дека добра алтернатива би била „обвивка“ т.е. слој од крема што останува на кожата, наместо да биде впиен.
Научниците од универзитетот Јејл креираа баш таква, направена со биоадхезивни наночестици кои се закачуваат на протеините на клетките на кожата. Кремата е отпорна на вода и може да се отстрани само со активно пребришување со крпа. Во експериментите со глувците се покажа дека заштитата со оваа крема е подеднакво ефикасна, и тоа со само мала концентрација на хемиски УВ филтри.
Останува да видиме дали ќе ја дочекаме во блиска иднина, пред сé заради бирократски заврзлами во американската FDA. Администрацијата нема одобрено нови состојки во кремите за сончање уште од 1999, и покрај тоа што во меѓувреме другите земји имплементираа некои поефикасни решенија.