Нова иницијатива до Уставен суд за укинување на членот 368 од Законот за облигациони односи кој е негативен за приватниот сектор

Нова иницијатива до Уставниот суд за укинување на членот 2 од Законот за измени и дополнувања на ЗОО каде е наведено дека членот 368 се менува. И оваа иницијатива се однесува на членот од законот во кој се предвидува застарување на долговите, односно се фаворизираат должниците на сметка на доверителите.

Во поднесената иницијатива, од лицето Доне Лазаревски, сопственик на фирма, е образложено дека наведените законски измени негативно влијаат на понатамошното работење на фирмите, со оглед дека стоките уредно се испорачувани, а не можат да се наплатат како резултат на застарувањето на долгот.

„Овие измени нè доведуваат во положба дека е подобар избор да не се работи и да не се вложува во стопанството, отколку да се соочиме со загуба на сопственоста поради законска заштита на должниците да не го подмируваат долгот“, се вели во иницијативата. Понатаму се вели „Со донесување на законските измени за застареноста јас како сопственик на микропретпријатие повеќе од триесет години, кое уредно плаќа даноци, придонеси и други потребни давачки кон државата, сум принуден да престанам со работа, поради непостоењето на правната заштита на сопственоста и непостоење на правна сигурност“. Посебно се нагласува ништовноста на склучените договори поради корелација на чл. 368 од ЗОО со чл. 218 од ЗИ.

Прочитајте и:  Мицкоски за барањето на Ахмети: Косово да интервенира кај уставните судии кои ДУИ и СДСМ ги избраа? Шокантно

Ова е трета иницијатива која се однесува на овие законски измени на Законот за облигациони односи. Претходно адвокатот Љупчо Кузмановски поднесе иницијатива до Уставниот суд, а таа е втора иницијатива за преиспитување на уставноста на Законот за облигациони односи. Минатиот месец до Уставниот суд беше поднесена иницијатива за истиот член од овој закон од страна на Предраг Баришиќ.

„Поаѓајќи од фактот дека Уставот е највисок правен акт и дека сите закони, подзаконски акти и пишани правила треба да бидат во согласност со Уставот, подносителот на оваа иницијатива смета дека потребно е оценка на уставноста на членот 2 од изменувањата и дополнувањата на Законот за облигационите односи“, се вели во иницијативата поднесена од адвокатот Љупчо Кузмановски.

Кај дел од компаниите со овие законски измени се генерираат загуби по основ на отпис на долгови и по неколку милиони евра, што ќе се одрази негативно врз натамошното работење, а ќе влијае и врз зголемувањето на цените на услугите.

Реагираа и од Адвокатската комора од каде на неколку наврати истакнаа дека ќе имаат тешкотии во работењето и дека се нанесува голема штета во стопанството.

- Реклама -