Дали Македонија ќе добие нова политичка партија која отворено ќе се залага за федерализација на државата?
Како што извести ТВ „Клан“, викендов на трибина во Тетово била одржана трибина на тема „Република Илирида – фундаментално решение за функционирање на рамноправноста во Македонија“. Во обраќањето, претседателот на Движењето „Република Илирида“ – Неџат Беџети, изјавил дека треба да се променат позицијата и статусот на Албанците во Македонија, бидејќи се население со компактно распространување и голем демографски број. Тој посочил и дека меѓународните норми, Повелбата на Обединетите Нации и документите на Хелсинки им даваат право на граѓаните Албанци да имаат свое автономно владеење и да ја формираат „Република Илирида“, која е израз на нивната волја.
Како што пренесува „Клан“, потписите за новиот политички субјект се речиси собрани, а потоа ќе следи обид за регистрација на партијата. Доколку биде успешен, партијата би учествувала веќе на следните парламентарни избори, кога и да се одржат тие, со ветување дека ако победат – ќе започне и процесот на федерализација.
Правни експерти, во разговор со „Плусинфо“, тврдат дека Уставот не дозволува партија која во својата основна програмска определба најавува федерализација на државата – да биде регистрирана. Беџети, пак, веќе добил одговор од судот дека програмата и статутот не се во спротивност на Уставот.
Така барем тврди Невзат Халили, кој заедно со Милаим Фејзиу викендов учествувале на трибината. Двајцата се познати како иницијатори на референдумот на Албанците од 1992 година.
Според Халили, идејата на Движењето „Илирида“ е Албанците да бидат рамноправни со Македонците, а тоа можело да се постигне само преку федерализација на државата, каде Албанците ќе бидат конститутивен народ.
„Намерата е ‘Движењето’ Илирида да прерасне во политичка партија. На трибината бев поканет како гостин-учесник. Беџети нѐ информира дека веќе разговарал во суд и дека оттаму го информирале дека програмата и статутот не се во спротивност со Уставот. Во дебатата учествуваа седум доктори на науки и немаше лош збор, ниту омраза и нетрпение кон Македонците“, тврди тој за „Плусинфо“.
Патем, „смирува“ дека не станувало збор за промена на границите:
„Не станува збор да се менуваат границите, туку за формирање на Република Илирида во рамките на територијата на државата Македонија. Покрај постоечкото да се формира и Собрание на Албанците кое ќе ги претставува сите. Идејата е за федерализација или конфедерација на државата, бидејќи Албанците не се малцинство туку се автохтон народ во Македонија“, рекол Халили.
Според него, не е точно дека идејата за „Република Илирида“ е застарена и не би добила поддршка од Албанците. Напротив, уверува тој, федерализацијата има голема поддршка меѓу Албанците, и овде во државата, но и во дијаспората. Повеќе ТУКА.