Ова е новата најлута пиперка во светот. Но од каде потекнува, од Мексико, Тајланд или Индија? Не, оваа пиперка потекнува од мал стакленик во Велика Британија. Пиперката е наводно толку лута што има планови да се искористи во производството на бомба за онеспособување на лица на бојното поле.
Пиперката позната како Naga Viper, била создадена со вкрстување на трите претходно најлути пиперки. Резултатот претставува нов светски рекорд, и гарантирано ќе му ги насолзи очите на секој кој ќе се осмели да го вкуси. Оваа пиперка достигнува неверојатни 1,359,000 единици на Сковил скалата, скала која ја оценува лутината според присуството на хемиското соединение капсаицин. Експертите од Универзитетот Ворвик ја тестирале пиперката и официјално ја прогласиле за најлута. Претходниот носител на овој рекорд бил Bhut Jolokia.
Човекот кој ја создал, Џералд Фаулер, кој веќе пет години своето време го посветува исклучиво на создавање лути пиперки, изјавил: „Лути пиперки кои растат во Индија или Карибите се навикнати на жештината и сувиот воздух. Оние кои растат тука се борат против посуровата клима и стануваат уште полути.“ Десетици посетители на пабот на господин Фаулер, Engine Inn, пред да го вкусат карито подготвено со оваа пиперка морале да потпишат формулар со кој потврдуваат дека се при здрав разум и се физички здрави. Само двајца од нив успеале да завршат цела чинија. Тој ја продава пиперката во форма на лут сос за правење кари, но вели дека постојано добива барања за семе од заинтересирани одгледувачи на лути пиперки.
Господин Фаулер, сопственик на компанијата Chilli Pepper Company, вели дека јадењето на неговите пиперки предизвикува физичка болка. „Ви го умртвува јазикот, а потоа го гори грлото и стомакот. Лутината може да трае и до еден час, и едноставно не сакате да зборувате со никого, ниту да правите било што. Но со јадењето се добива неверојатен наплив на ендорфини. Се чувствувате прекрасно.“
Колку за споредба, најпопуларната лута пиперка – Халапењо – на Сковил скалата достигнува срамни 2500 до 5000 единици. Пиперките на господинот Фаулер се повеќе од 270 пати полути, и лесно го надминуваат претходниот рекордер Bhut Jolokia, кој достигнува 1,001,304 единици. Индиската влада бара начини како да ги искористи најлутите пиперки, како индиската Bhut Jolokia за производство на бомби кои комплетно ќе ги онеспособат непријателските војници без да ги убијат.
Господин Фаулер ја вкрстил Bhut Jolokia, со уште две пиперки, Naga Morich и Trinidad Scorpion, и ги одгледувал растенијата во неговиот стакленик. Тој додал: „Хестон Блументал му дал една од нашите пиперки на доброволец, по што ја набљудувал неговата мозочна активност преку компјутерска томографија. Тој утврдил дека делот од мозокот кој регистрира лутина и топлина се наоѓа веднаш до оној дел од мозокот кој е одговорен за чувството на среќа. Некои луѓе имаат пробано и жива пиперка, бидејќи тоа е типично мачо однесување, и постирале видеа на Јутуб. На неколку од нив им се слоши.“
Џералд Фаулер го продал семето за неговата креација на Проектот Еден во Корнвол, на Единбуршкото Хортикултурно Друштво, и на фармери во Авганистан, како алтернатива за одгледување афион за опиум. [Neither Mexico nor India: The world’s hottest chilli comes from a tiny greenhouse in Cumbria]