Денеска, за време на снимањето инсерти за репортажа од основното училиште „Наим Фрашери“ во село Ѓурѓевиште, општина Врапчиште, Гостиварско, околу 14:00 часот, новинарот Неври Адеми и снимателот Збулим Максути на ТВ „Полог“ биле вербално а потоа и физички нападнати од страна на едно лице, соопшти Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), од каде бараат Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и ефикасна истрага за нападот.
Како што велат од ЗНМ, а според изјавите на нападнатите, тие снимале материјал за потребите на репортажата за спроведувањето на проектите во училиштето кога лицето Бурхан Хамити им се обратил со вербални навреди и закани, при што го фатил снимателот за глава и го туркал по скалите во училиштето.
„ЗНМ веднаш контактираше со новинарот на ТВ Полог Неври Адеми и тој ни потврди за овој инцидент и ни даде конкретни информации дека: ‘Додека снимавме и работевме на репортажата со колегата снимател Збулим, ни се доближи лицето Бурхан Хамити и откако ни се обрати со погрдни зборови, го фати колегата за глава и го буткаше по скали. Потоа слезе во училишниот двор и почна да нѐ брка со секира. Ние брзо влеговме во автомобилот и се упативме до полициска станица да го пријавиме нападот, а напаѓачот цело време нѐ следеше со неговиот автомобил дури до селото Неготино, гостиварско’, изјави Адеми“, се наведува во реакцијата на ЗНМ.
Тие бараат Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на напаѓачот, притоа потенцирајќи дека заканите по живот се кривични дела предвидени во Кривичниот законик и дека МВР и ОЈО треба итно да ги истражат и процесираат не само за да ги казнат оние кои го прекршуваат законот, туку и за да спречат слични кривични дела во иднина.