На првиот ден од снимањето, беше поставен тонот за новиот документарен филм на Blur, „До крајот“. Откако го собра бендот во неговото студио за снимање во Девон, Англија, фронтменот и текстописец Дејмон Албарн со насолзени очи ја слушаше предверзијата на нивниот деветти студиски албум, The Ballad of Darren. Тоа беше првпат тој и бендот да ги слушнат песните снимени со вокали.
Зборувајќи за „Билборд“, гитаристот Грам Коксон вели дека е лесно да седнеш и да пишуваш текст, но кога тој текст е снимен на песна и го слушаш жможе да биде многу моќно, бидејќи тогаш песната навистина постои.
„До крајот“ е филм кој ќе започне да се прикажува во кината во Велика Британија од денес и го прикажува бендот во едно поинакво светло, но и ги води гледачите на патување за тоа како се снимал албумот и за двата концерта на Blur на Вембли во јули 2023 година.
„Постојат многу уметници кои не сакаат да ја прикажат својата ранливост“ вели режисерот на документарецот Тоби Л. „Мислам дека моменталната состојба на музичките документарни филмови е малку цинична – не им верувам премногу. Но, бендот се согласи дека сакаме да ја прикажеме неизвалканата вистина, и се согласивме дека ова не треба да биде филм во кој ќе се издигнува нешто“.
По објавувањето на двата концерти на стадионот Вембли, Албарн му испрати на Коксон неколку демо снимки на кои работел и го собра бендот во студиото на почетокот на 2023 година. Голем дел од The Ballad of Darren е за распадот на врската на Албарн со Сузи Винстанли, неговата партнерка со која беше 25 години. Воведниот текст на насловната нумера доаѓа до суштината на работата: „Само погледнав во мојот живот/И се што видов е дека не се враќаш“.
Сепак, снимањето обезбеди повторно обединување. Сесиите за снимањето на албумот беа прв пат сите четворица членови да бидат во студио за да работат на музика од 1999 година. Нивниот албум Think Tank од 2003 година беше снимен по заминувањето на Коксон од групата; The Magic Whip од 2015 година беше составен од Коксон и Албарн од минатите демо снимки. Во продукција на Џејмс Форд, „The Ballad Of Darren“ стигна до број 1 на топ-листата за албуми во Обединетото Кралство и му го донесе на бендот првото појавување во топ 10 на топ-листата за продажба на албуми на Billboard.
Коксон кој со Албарн се знае уште од школските денови вели дека членовите на бендот брзо се вратиле во нивните улоги кога влегле во студиото. Додека претходниот документарен филм за бендот, No Distance Left to Run се занимаваше со распадот на бендот, „До крајот“ ги остава раните од минатото и се занимава со сегашноста. За да се обединат, Албарн и Џејмс одат да нуркаат на англискиот брег, а за време на индивидаулните интервјуа членовите на бендот ја откриваат нивната љубов, иако тоа не секогаш изгледало така. Во една сцена, Албарн забележува дека во минатото тие се обидувале веднаш да ги решат сите проблеми, но дека со текот на времето научиле да не се конфронтираат за сите проблеми.
Филмот го следи веселото другарство на патот до Вембили, прикажано преку снимки од останатите концерти низ Велика Британија и Европа.
Двата концерта на Вембли се снимени и ќе бидат објавени како албум во живо, како и концертен филм.
И покрај целиот фокус на средовечната малаксаност, некои од највозбудливите снимки се младата, разновидна толпа што се собира во првиот ред на овие концерти. Тоби Л вели дека иако Бритпопот и оптимизмот од 90-тите одамна ги нема, британските тинејџери сè уште ја сакаат својата музика.
Извор: Билборд