Новиот состав во македонскиот тим во заедничката Комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија утре, по подолг период, треба да има прва средба со нивните колеги од бугарска страна.
Историчарот Митко Панов, кој е дел од новиот состав што Владата го назначи минатиот месец, во интервју за ТВ Сител вечерва изјави дека не може предвреме да каже за очекувањата од средбата, но, рече, оптимист е доколку се постигнат начелата на слободно изразување на ставовите за историјата.
-За моите очекувања не можам ништо да кажам сега, пред време, бидејќи треба да се запознаеме, треба да ја запознаеме методологијата на работа, концептот на работа, принципите на делување… Доколку се држиме до современите принципи на работа, европските практики на работа на ваков тип комисии, можам да кажам дека сум оптимист, не дека нешто ќе се постигне, сега ќе видиме, но доколку ги постигнеме тие начела на работа, мислам дека ќе можеме слободно да ги изразуваме своите ставови и, впрочем, тоа е и целта и моето разбирање на комисијата – да ги изразиме сопствените ставови, ставовите на македонската историографија и да видиме кои се тие проблематични точки коишто едната страна ги смета за некакви конфликтни проблеми, истакна Панов.
Посочи дека претходно многупати кажал дека не се согласува со концептот на работа на претходната Комисија, и нагласи дека ќе работат „растоварени од какви било политички влијанија“ затоа што, рече, комисијата треба да работи во таква атмосфера за да дискутира.
– Генерално, комисијата треба да работи во некаква атмосфера во која ќе дискутираме за одредени историографски проблеми коишто, да кажам, се можеби продукт на 19 век… Ќе видиме како понатаму ќе се делува. Она што е охрабрувачки е фактот дека како тим на историчари сме оставени слободно да ги изразуваме своите ставови и своите научни гледишта. Впрочем, со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски имавме протоколарна средба на која беше дециден дека ние како историчари и како комисија, формално сега, апсолутно имаме академска слобода на делување за какви било одлуки што ќе ги донесеме, ако ги донесеме, и за какви било дискусии во рамките на комисијата. Така што, тоа е за поздравување, додаде Панов, историчар од Институтот за национална историја.
Нов претседател на македонскиот тим во заедничката Комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија е Ванчо Ѓорѓиев, професор на Филозофскиот факултет во Скопје, а покрај Митко Панов, членови во Комисијата се и Александар Литовски, Никола Минов, Сашо Додевски, Бесник Емини и Димитар Љоровски.