Од печат излезе поетската книга „Процвет“ од Цветанка Невчева, издание на „Дата песнопој“ од Битола. Книгата е дел од едицијата Современата македонска книжевност – книжевни меридијани, објавена во рамките на конкурсот на книгоиздателството за што ја доби наградата „Душата на чаршијата“. Илустрација на корицата е дело на Живко Поповски-Цветин, а низ страниците се проткаени слики од д-р Јордан Невчев.
Песните во „Процвет“ се врамени во четири циклуси.
„Таа нема време да опишува, присутно е само емотивното ткаење на версот, за поцелосно ослободување на трепетот преку кој се дава нова силна и цврста димензија на зборот. На преслапот е желбата за љубов, најсилна и вечна во потрагата на поетесата. Цветот не е само убавината, во него е естетската порака за димензијата на животот, чистотата на зборот, па и моќта за проследување на боите на животот. Ништо не ме прашувај, препушти се на мигот зашто надежта е сон на будните, за да го зграбиме здивот на животот во ѕвездената ноќ“, пишува во рецензијата Илија Мерковски, главен и одговорен уредник на „Дата песнопој“.