Обвинителството бара казни од 7.000 и 5.000 евра за вевчанците што го запалија бугарското знаме

Основното јавно обвинителство Струга информира дека, по спроведена претходна постапка, поднело Предлог за издавање казнен налог за три лица за кривично дело „Повреда на угледот на странска држава“, од член 181 од Кривичниот законик.

Како што се вели во соопштението, обвинетите, на 14 јануари, за време на самоиницијативниот собир на граѓани по повод верскиот празник Св. Василиј во Вевчани, со намера за исмејување, јавно го изложиле на подбив знамето на Република Бугарија. Еден од нив го запалил знамето, а останатите двајца го кревале и замавнувале со запаленото и подгореното знаме.

Јавниот обвинител на Основниот суд во Струга му предложил на првообвинетиот да му изрече парична казна од 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 70 евра во денарска противвредност, додека за останатите двајца обвинети се предложени парични казни од по 100 дневни глоби од по 50 евра во денарска противвредност, информираат од Обвинителството.

 

- Реклама -