Обвинителството со остра реакција до Пендаровски: Неговата целосна поддршка ќе беше вистинита ако…

Јавното обвинителство денеска преку соопштение остро реагира на вчерашната прес-конференција на претседателот Стево Пендаровски околу случајот „Рекет“. Од Обвинителството се децидни дека не е време за напади на институциите и дека нема да дозволат дискредитирање на обвинители и мешање на политичарите во кривичните постапки. Од Обвинителството не се задоволни и од понудената „поддршка без задршка“ од страна на Пендаровски:

„Изјавата на претседателот на Република Северна Македонија дека дава целосна поддршка на обвинителството и дека ќе ги употреби сите уставни и законски овластувања за да го заштити од притисоци ќе беше реална, доколку повикаше пратениците да го изгласаат Законот за јавното обвинителство и доколку дадеше поддршка за зајакнување на капацитетите на обвинителството за поефикасна борба против криминалот и владеење на правото“, се вели во соопштението.

Прочитајте и:  ЈО: Дадени се насоки на Управата за финансиска полиција да се испитаат постапките за јавни набавки за горивото за ЈСП

Притоа ЈОРСМ ја уверува јавноста дека за посочениот предмет, се постапува неселективно и навремено, според утврден план на истрагата и дека сите инволвирани во кривични дела ќе бидат сослушани или испитани и ќе одговараат согласно законот.

„Подлегнувањето на политички притисоци и мешање во работата на обвинителството, штетно влијае врз текот и успешноста на истражната постапка и врз обезбедување на доказите“, потенцираат во соопштението.

- Реклама -