„Од 7 до 20 евра: Новиот систем EES стартува на есен“

Патувањето во Европската Унија од 2026 година ќе стане значително поскапо и под построга контрола. Наместо претходно најавената такса од 7 евра за електронска дозвола за влез (ETIAS), Европската комисија објави дека цената ќе изнесува дури 20 евра по апликација.

Оваа дозвола ќе важи три години и ќе биде задолжителна за сите државјани на земји кои не се членки на ЕУ, вклучително и за македонските граѓани. Како основна причина за оваа промена, Комисијата ја наведува инфлацијата и дополнителните трошоци поврзани со воведувањето нови технолошки решенија во системот.

Системот ETIAS ќе се применува од втората половина на 2026 година, но веќе наесен, во октомври 2025, ќе започне имплементацијата на Системот за влез/излез (EES), кој ќе биде првиот чекор кон новиот режим на влез во Шенген-зоната.

EES е автоматизиран ИТ-систем за евиденција на краткорочни престои (до 90 дена во период од 180 дена), кој ќе регистрира секое влегување и излегување од ЕУ за граѓаните на земјите надвор од Унијата. Новитет е тоа што при влез ќе бидат потребни биометриски податоци – отпечатоци од прсти (четири прсти) и фотографија, кои ќе се зачуваат во дигитална база.

Системот ќе се применува на сите гранични премини на земјите-членки на Шенген-зоната, како и на Бугарија, Хрватска и Романија. Ова ќе резултира со подолги процедури при првиот влез, бидејќи податоците ќе се собираат и проверуваат на самата граница.

Важно е да се напомене дека нема да се става пасошки печат, но доколку патникот одбие да ги даде бараните биометриски податоци, автоматски ќе му биде одбиен влезот во ЕУ.

Новите правила ќе важат за сите државјани од Западен Балкан, вклучувајќи ги и македонските граѓани. Европската Унија ги оправдува овие мерки со потребата за зголемена безбедност, подобра контрола на движењето и намалување на злоупотребите на туристичкиот престој.