Агенцијата за катастар на недвижности соопшти дека од денеска стапуваат во сила новите намалени цени за голем дел од нејзините услуги. Минатата недела во Службен весник беа објавени измените и дополнувањата на тарифниците, со кои се врши промена и намалување на цените на најкористените услуги на Агенцијата за дури 75 отсто.
Досега, граѓаните при купопродажба на стан и паркинг простор плаќаа за четири имотни листови вкупно 5.000 денари. Со новите промени, таа услуга ќе чини само 1.250 денари, без разлика на бројот на имотни листови, по правен основ, во една катастарска општина. Ова претставува намалување за цели 75%.
Дополнително, со ова намалување се опфатени и наследните решенија и договорите за дар каде отсега ќе се наплаќа по правен основ во една катастарска општина во износ од 1250 денари, а не како досега за секој имотен лист по 1250 денари.
– Новината, која заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ја најавивме пред околу два месеци, од денес стапува на сила. Со ова ги исполнуваме нашите ветувања за пониски цени на голем дел од услугите на Агенцијата, потврдувајќи дека граѓаните и Македонија се наш приоритет. Благодарност до Владата која даде поддршка и го прифати нашиот предлог, вели директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски.
Тој посочува дека со намалувањето на цените се завршува процес на кој активно се работеше во изминатите два месеци. Во следниот период, фокусот ќе биде ставен на дигитализацијата на катастарот, со цел услугите да бидат уште подостапни за граѓаните и правните лица.