Од Франција нема информации за нова предлог-рамка, Софија и Скопје молчат

Француските дипломати во седиштето на ЕУ не се запознаени со нова иницијатива за надминување на спорот меѓу Софија и Скопје по посетата на македонската делегација во Бугарија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Според информациите на МИА, процесот е целосно во рацете на Софија и Скопје, а делумно и во Париз, пред сѐ кај францускиот претседател Емануел Макрон, чиј предлог беше отфрлен минатата недела од страна на Северна Македонија.

Македонската влада ги истакна своите црвени линии: јазикот, Уставот, протоколот, историјата, и рече дека е подготвена да разгледа нов предлог, доколку таков биде ставен на маса.

Медиумите информираа дека македонска делегација била во посета на Софија вчера, но никој не соопштува конкретни резултати по средбите.

Франција претседава со ЕУ до крајот на овој месец, уште два дена. Денеска се одржува состанок на амбасадорите на ЕУ во Брисел, но нема информација дека Бугарија и Македонија се на дневен ред. Дипломатски извор од земја членка на ЕУ за МИА вели дека не слушнале ниту за нов француски предлог.

Прочитајте и:  Мицкоски: Од црвените линии не мрдаме ни милиметар, ако ЕУ сака да е заложник на Бугарија нека не остават да си ги решиме домашните проблеми

Топката, според ЕУ, е во рацете на Скопје и Софија. Доколку двете страни успеат да се усогласат, ЕУ и француското претседателството би биле подготвени за нов обид, но шансите се чинат многу мали со оглед на тоа дека остануваат само два дена, а напредок меѓу двете страни нема според официјалните ставови.

Доколку до крајот на јуни нема напредок, прашањето се префрла кај следното претседателство, а тоа е Чешка, од први јули до 31 декември.

Албанија најверојатно ќе се обиде да издејствува одвојување од Македонија доколку нема напредок во преговорите со македонската страна, но никој не може во овој момент да гарантира дека Тирана ќе успее да добие такво одвојување, со оглед на инсистирањето на некои земји членки дека двете земји-кандидатки треба да одат во пакет.

- Реклама -