Од ковид-19 почина заменик-градоначалникот на Скопје – Енвер Малиќи, Шилегов се прости од својот добар пријател

Од компликации предизвикани од Ковид-19, утрово почина Енвер Малиќи – заменик-градоначалникот на Скопје, потврдија од Град Скопје.

Малиќи починал во „Систина“ откако претходно бил хоспитализиран – (според „А1он“, со низа здравствени проблеми) и десет дена бил лекуван на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Од „Систина“, за „Слободен печат“, потврдуваат дека тој бил донесен во исклучително влошена состојба и лекарите цела ноќ се обидувале да му го спасат животот.

Малиќи беше еден од најбогатите стопанственици во државата и сопственик на компанијата „Гемак Трејд“, која во моментот е една од најголемите дистрибутерски куќи во земјата и работи со неколку познати светски брендови. Компанијата ги вклучуваше компаниите „Gekos group“ во Косово, резиденцијалниот комплекс „Парк Резиденс“ како и хоспиталити групацијата “Parkland Hospitality Group” на која припаѓаат веќе добро познатиот и реномиран хотел „Парк Хотел и Спа“ на кејот на Вардар, како и најновиот член на семејството „Next Door Park“ хотел.

Прочитајте и:  Перински не ја исклучува можноста да се кандидира за градоначалник на Скопје

Малиќи беше советник во Град Скопје од редовите на ДУИ, а за заменик-градоначалник беше именуван од страна на Петре Шилегов во 2017 година. Во ноември 2018-та, Малиќи беше назначен и за почесен конзул на Мексико во земјава. Во 2019-та беше избран за Маж со трајни вредности и Маж со стил.

И градоначалникот Петре Шилегов, на социјалните мрежи, утрово се прости со Малиќи.

„Некогаш зборовите не можат да ги искажат чуствата кои што ги имаме кон блиските во нашите животи. Секогаш ведар, секогаш насмеан, секогаш со млад дух.

Денес загубив добар пријател! Почивај во мир Енвер, пријателе мој!“, напиша скопскиот градоначалник.

- Реклама -