Натпреварот меѓу Црна Гора и Англија (1:5) од квалификациите за Европското првенство, освен со многу голови и инциденти, вроди и со една преубава навивачка приказна. Додека УЕФА ги истражува расистичките испади на трибините на стадионот во Подгорица, друга главна тема се и пресметките меѓу црногорските и англиските навивачи. По тепачката во Подгорица, Англичаните останаа без десетина свои знамиња. Но едно од нив е далеку поспецијално од другите.
„2002. Lewis. 2006″, пишува на едно од знамињата кои паднале во рацете на навивачката дружина Ултра Црна Гора. Се работи за знаме кое може да се види на сите натпревари на англиската репрезентација, но и Вест Хем, клубот за кој навиваат сопствениците на знамето.
Во многу од навивачките кругови, одземањето на знамето на противничките навивачи е најголема победа и потврда за доминација, па Црногорците добро се позабавуваа со заплената.
Но…
Малиот Lewis имал само 4 години кога го изгубил животот, а неговиот татко и постариот брат веќе 13 години не се одвојуваат од знамето кое го симболизира вечниот спомен за изгубеното дете и братче. Откако англиските навивачи го загубија знамето, Англичаните почнаа акција преку друштвените мрежи и ги замолија Црногорците да им помогнат и да им го вратат знамето.
Flag stolen in Podgorica last night – for pity's sake, please return it! Created by his father in memory of his cruelly taken young son, the flag has since been unfurled at every ground in the English league and at every England international. @FudbalskiSavez : please retweet pic.twitter.com/6xhtq2XQv5
— John Muir (@Hammer72o) March 26, 2019
Одговорот од другата страна стигна набрзо. Црногорските навивачи го доставија знамето во британската амбасада во Подгорица (фотка најгоре), од каде ќе биде вратено кај сопственикот во Лондон.
„Беше тоа тепачка 5 на 5. Одземени се околу 10 нивни знамиња, а меѓу нив и тоа знаме. Секако, на знамињата секогаш пишува некакво значење, ден на основањето на групата или нешто слично, а на ова пишуваше ‘2002 – 2006’ со името ‘Lewis’ и никој не насетуваше каква приказна стои зад тоа. Набрзо до нас стигна информација дека знамето се бара бидејќи има посебно значење. Одлучивме да му го вратиме на сопственикот. Стапивме во контакт со таткото, ни заблагодари на разбирањето, а знамето денеска е предадено во британската амбасада, која ќе го проследи до Англија и ќе го врати на сопственикот“, вели еден од припадниците на Ултра Црна Гора за хрватски „Индекс“, додавајќи дека целата работа на крајот сепак испаднала „приказна за јунаштво и човечност“.
Таткото на малиот Луис и јавно се заблагодари преку Твитер:
„Не можам да опишам колку сум среќен што знамето на Луис се враќа дома. Сакам да им се заблагодарам на сите што во изминативе 24 часа помогнаа ова да се случи. Навистина ми значи сè на светов“.
Дури и англиската репрезентација изреагира со воодушевување:
„Тоа е одлична вест! Какво олеснување!“