Од полноќ горивата поскапи за околу 9 денари

Со оглед дека вечерва на полноќ истекува времетраењето на намалената акциза и данокот на додадена вредност за соодветните нафтени деривати (Одлуката за определување на видот на енергентите, временскиот период, како и начинот на пресметка на акцизата и Одлуката за определување на видот на добрата и временскиот период на примена на повластена даночна стапка) Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе Одлука со која изврши усогласување со законските прописи кои ќе бидат во сила од полноќ со што малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 7,96 проценти.

Како што соопштија од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 9,00 денари за литар, додека на безоловниот бензин ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемува за 9,50 денари за литар.

Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 9,00 денари за литар, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 8,50 денари за литар.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС останува иста.

Од 1.6.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 104,00 (денари/литар), моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 106,50 (денари/литар), дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 95,00 (денари/литар), масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 93,00 (денари/литар) и Мазут М-1 НС 54,640 (денари/килограм).

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар, како и курсот на денарот во однос на доларот, се наведува во соопштението, во денешната пресметка (31.05.2022) се исти со претходната пресметка од 30.05.2022, односно во денешната пресметка извршена е промена само на акцизите и данокот на додадена вредност, дефинирани со прописите за акцизи и данокот на додадена вредност.

Од Регулаторната комисија напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 1.5.2022 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.

МИА

- Реклама -