Од една страна, повеќето луѓе се сложуваат дека децата не треба да се лажат. Од друга, повеќето луѓе ќе направат исклучок кога се работи за Дедо Мраз – белобрадиот дечар со полна санка подароци.
Не сите се негови фанови. Некои го оспоруваат на религиозна база. Други со жалење се сеќаваат на денот кога дознале дека Дедо Мраз не постои и се обидуваат да ги заштитат своите деца од таквото разочарување. Трети, пак, со радост се сеќаваат на нивните новогодишни искуства и се надеваат дека ќе успеат да доловат барем дел од таа магија со своите најмали и најдраги.
Но, каков ефект има сето ова врз децата и нивниот развој? Дали е подобро да им се каже вистината уште од самиот почеток? Науката вели вака:
Најчестата грижа е дека лажењето евентуално ја поткопува детската доверба во родителите. Ова е сосема можно, но обично е проблем што може лесно да се поправи. На пример, кога детето ќе почне да го преиспитува постоењето на Дедо Мраз, можете да имате искрен разговор и отворено да му кажете зошто сте го поддржувале неговото верување во митот, притоа истакнувајќи ја радоста што ја носи таквото верување. Секогаш постои можност дека детето ќе ја презира измамата или ќе го преиспитува вашиот суд на други полиња, но ако сте искрени за тоа зошто оваа ситуација е исклучок, малку е веројатно дека детето долго ќе ви се лути.
Другиот потенцијален проблем е дека охрабрувањето на детето да верува во Дедо Мраз може да му створи проблем во разграничувањето на фантазијата и реалноста, што пак може да го одложи неговиот когнитивен развој. Меѓутоа, истражувањата сугерираат дека способноста да се разликува факт од фикција всушност се развива многу рано во детството, а се зголемува со возраста. Уште повеќе, некои студии покажуваат дека децата со богат живот во фантазијата се дури и подобри во разграничувањето на имагинарното со реалното. На пример, многу когнитивно нормално развиени деца развиваат имагинарни другарчиња, состојба која природно се решава со самото растење на детето.
Значи, младите деца можат да разликуваат нереални ентитети (на пример, летечки свињи) од оние можните. Она со што имаат проблем се ентитети кон кои е прикачена силна емоција, како чудовишта, како и ентитети што се одобрени од околината во која живеат, меѓу кои и Дедо Мраз. Тоа е така затоа што децата се особено „наштимани“ на доследноста на сведочењата што ги слушаат од другите, а се однесуваат на ентитети од типот на Дедо Мраз.
Постојат два главни аргументи според кои е добро вашето дете да верува во Дедо Мраз. Едниот е задоволството што детето го добива од самата идеја за претерано доброто старче со голема брада и вреќа подароци. Другиот е дека верувањето во Дедо Мраз ги прави подобри личности – децата се однесуваат подобро бидејќи мислат дека на тој начин ќе заслужат подобар подарок. Ова може да се демонстрира со едноставен пример: Ако на група деца им кажете дека со нив ќе игра и некоја си добра тетка што е способна да се направи невидлива, децата се однесуваат подобро и повеќе ги следат правилата на игра, иако се под надзор на еден обичен празен стол. Ефектот е уште посилен кај децата што веруваат дека навистина крај нив седи невидливата тетка.
Сепак, ваквиот бенефит е краткорочен и исчезнува кога детето ќе престане да верува во добриот старец. За да има суштинска промена во однесувањето, тоа мора да учи преку своето себе-мотивирано однесување. Охрабрувањето на децата да веруваат во Дедо Мраз може да им го отежне овој процес.
ЗАКЛУЧОК:
И едната и другата рута имаат свои позитивни и негативни моменти, но не постои научен доказ дека децата се оштетени во било кое од двете сценарија. Она што е јасно е дека родителите не треба којзнае колку да се загрижени за последиците од верувањето во Дедо Мраз по нивното дете, особено заради фактот што децата не се толку лековерни колку што ги мислиме.
Всушност, децата постојано го земаат во предвид она во што другите околу нив веруваат и активно ја преиспитуваат едноличноста на таквите верувања, со цел да стигнат до заклучок околу можноста за вистинитост на ова или она тврдење. Со развојот на детското причинско-последично резонирање („Дедо Мраз е премногу дебел за да го собере низ оџакот“), детето неизбежно ќе разбере дека новогодишниот старец не е вистински, исто како што ќе разбере дека има нешта што не може да ги види, но се вистински (како бактериите, на пример).
Она за што родителите треба да се погрижат е менаџирањето на разочараноста што доаѓа заедно со вистината, што и не е премногу тешко.
Патем треба да се има во предвид следново: 1 од 8 деца ги открива лошите вести за Дедо Мраз преку обично пребарување на Гугл. Или тоа, или бидете креативни.