Планот не е она што ќе ве воодушеви кај овој апартман – туку креативните стратегии на заштеда и максимално искористување на просторот. А тоа воопшто не е лесно ако се работи за вертикална гарсоњера на Менхетн, со само 2 прозора.
Изведбата е деликатна, а сепак едноставна – без одвишен декор, само со мудра и промислена примена на бела боја и дрво, што ги осветлува тесните простори и стратешки додава топлина и акцент на местата каде што е потребно.
Транзициите се без врати, што пак додава на отвореноста на просторот, а од друга страна, добропоставените разделни ѕидови и складирачкиот простор креираат визуелни бариери помеѓу кујната и дневната соба (која постепено преоѓа во работно студио).
Удобната, полу-отворена спална е најдоброто од двата света, во исто време овозможувајќи чувство на целосна приватност и интимност, но и отворен поглед кон улицата. Прозорот на отварање придонесува за исполнување на собата со потребната количина дневна светлина.
Секоја просторна можност е искористена до максимум. Дури и меѓупросторот над вратите е искористен за разни складирачки оддели и прегради. Плакарите се вградени и во останатите секции од станот, не оставајќи ниту еден залудно празен ѕид, но и покрај тоа, бањата изгледа сосема просторна и отворена.