Од утре се очекува автобусите на ЈСП „Скопје“ да се вратат на улиците, денеска се доставува нафта до базните станици

Стојановски укажа дека со денешната владина одлука се решава проблемот со автобускиот превоз за следните седум дена, а во тој период Град Скопје треба да направи постапка за јавна набавка за гориво до Бирото за јавни набавки кое би го одобрило доколку е се во ред и да не настане проблем сличен на актуелниот

Советничката од СДСМ Љубица Јанчева рече дека очекува на седницата да биде изграден консензус и да бидат донесени три заклучоци предложени од нивната советничка група, а кои се однесуваат на актуелната состојба во Град Скопје

Се очекува утре изутрина автобусите на ЈСП „Скопје“ да бидат вклучени во сообраќај, најави вечерва пред вонредната седница на Советот на Градот Скопје советникот од ВМРО-ДПМНЕ Мартин Стојановски. Стојановски вели дека нафтата од државните резерви е на пат кон базните станици на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда и во Ѓорче Петров.

„Ако вечерва нафтата стигне, а според нашите информации веќе се доставува, значи од утре треба да има нормален автобуски превоз“,

рече Стојановски. 

Стојановски укажа дека со денешната владина одлука на ЈСП „Скопје“ да му биде дадена нафта од државните резерви, се решава проблемот со автобускиот превоз за следните седум дена.

Тој додаде дека во овие седум дена Град Скопје треба да направи постапка за јавна набавка за гориво до Бирото за јавни набавки кое би го одобрило доколку е се во ред и да не настане проблем сличен на актуелниот.

Стојановски смета дека надминувањето на кризата со автобускиот превоз во Скопје ќе зависи од начинот на менаџирање откако ќе поминат овие седум дена додека има нафта од државните резерви. 

„Се зависи од менаџментот. Ние како Совет сме тука само да изгласаме одлуки. Менаџирањето го носи највеќе директорот на ЈСП и градоначалничката на градот Скопје, Арсовска“,

рече тој.

Стојановски нагласи дека тие како советничка група ги изгласале сите програми досега за градот Скопје, вклучително и за ЈСП Скопје.

„Доделивме само оваа година 645 милиони денари, тоа мислам околу 10 милиони евра субвенции за ЈСП. И претходните години имаме огромна сума доделено субвенции, што значи дека ние како советничка група секако сме гласале за се што е позитивно за ЈСП ‘Скопје’, но и за останатите претпријатија“,

рече тој.

Во однос на тоа дали на следната седница ќе гласаат за набавка на новите еко автобуси, Стојановски нагласи дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ досега неколку пати не гласала за овој предлог затоа што немале информација од кого би се набавиле, колку би чинела сумата, колку кој би ги платил тие автобуси.

„На прашањето кој ќе ги плати тие автобуси, кој ќе ги набави во градот Скопје и дали има средства за тоа ни беше одговорено дека има еден денар. Верувајте дека некој кога ќе ви одговори дека ќе има еден денар за автобусите секако не би го изгласале тоа“,

рече советникот на Град Скопје.

Во однос на приватните превозници кои нудат 200 автобуси да се вклучат во сообраќајот доколку се зголеми цената за километар, советникот рече дека таква седница нема на дневен ред денеска и оти нивниот предлог мора да се разгледа за да се видат кои се реперкусиите и каков буџет е потребен. За тоа, додаде тој, сепак треба мнозинство од сите советници.

Пред седницата во Советот на Град Скопје, советничката од СДСМ Љубица Јанчева рече дека очекува на седницата да биде изграден консензус и да бидат донесени три заклучоци предложени од нивната советничка група, а кои се однесуваат на актуелната состојба во Град Скопје.

„Ќе бараме Советот едногласно да донесе заклучок со којшто бараме од државните резерви за нафта да биде одобрено субвенционирање од Владата на РСМ кои ќе бидат доделени на град Скопје за да се надмине хаотичната состојба во ЈСП ‘Скопје’ и тоа не е првпат. Ќе бараме да донесеме консензуален заклучок за измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, единките коишто ги основаа тие. Значи и тоа не е ништо ново“,

рече Јанчева.

Третиот предлог, за кој Јанчева рече дека очекува да биде донесен, е пратениците во Собранието да иницираат надзорна расправа за состојбите во град Скопје.

„Иако е локална самоуправа, Собранието е законодавен дом, постои Закон за град Скопје па оттука и надлежностите на Собранието за се што е во врска со јавниот интерес да се одржува надзорна расправа“,

рече Јанчева.

Вонредната седница на Советот на Град Скопје дојде откако вчера проблемот со јавниот превоз во Скопје стана алармантен откако автобусите на ЈСП „Скопје“ престанаа да возат поради немање нафта. Низ скопските улици можеше да се забележат само оние автобуси што возат на метан.

За надминување на проблемот, Владата на денешната вонредна седница донесе одлука со која се утврдува постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје, поради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.

- Реклама -