Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Јакимовски се лути зашто го спречуваат во бетонизација и вцртување згради на разни локации во Карпош

„ВМРО-ДПМНЕ не е пријател на градежната мафија и никогаш нема да биде сојузник на бизнисмени кои сакаат да профитираат на грбот на народот и на животната средина“, изјави денеска Роберт Велјановски, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Карпош, на прес-конференција во одговор на прес-конференцијата на градоначалникот на Карпош – Стевчо Јакимовски, на која тој соопшти дека ја прекинува коалициската соработка со оваа партија.

Според Велјановски, потегот на Јакимовски е резултат на цврстите заложби на Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата по ниедна цена да не се дозволи понатамошна бетонизација на Карпош на штета на зелениот простор во општината, а несогласувањата на оваа тема почнале уште од првиот ден кога Јакимовски ја преземал функцијата градоначалник на Општина Карпош.

„Господинот Стевчо Јакимовски наместо да се сврти кон граѓаните, нивните потреби и барања за почист Карпош, со повеќе зелени површини и содржини за рекреација, тој одбра да продолжи по стапките на Стефан Богоев.

Прочитајте и:  Пешевска: Барам јавно извинување од колегите од Левица за вчерашното однесување и за зборовите изустени и упатени кон нечија мајка, сопруга, ќерка, девојка

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ не одобрија неколку обиди на Јакимовски за вцртување на згради на различни локации низ Карпош, кои освен за интересот на бизнисот не му служат никому. Јакимовски и покрај нашите бројни апели за прекин на бетонизацијата, продолжува со намерите да штанца градежни дозволи“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Велјановски тврди дека Јакимовски и денеска сакал да усвои нов ДУП со 7 нови згради во Злокуќани, за што Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не дала поддршка и усвојувањето било спречено.

„Принципиелните заложби на ВМРО-ДПМНЕ пред изборите и ветувањата пред граѓаните се нашата единствена водилка и приоритети кон кои ние се стремиме. Жал ни е што во овие наши заложби градоначалникот не се препозна, ниту пак ни се придружи. Разликата е јасна. Од една страна ние со заложбата за хумана урбанизација и зелен Карпош, од друга страна Јакимовски со неговите заложби за продолжување на бетонизација“, рече Велјановски на прес-конференцијата.

- Реклама -