Одбележани 80 години од злосторот во Беличица-Почит за положените животи за слободна Македонија

„Револуционерното минато нѐ опоменува да не ги заборавиме жртвите на минатите генерации, а воедно нѐ обврзува да ги негуваме и развиваме придобивките од Народноослободителната антифашисичка војна на Македонија во современото живеење“ – Ваква порака беше испратена од денешното одбележување на 80 години од злосторот во мавровското село Беличица, кога од балисти настрадаа борците на третиот тетовски партизански одред и мештани, а селото беше запалено.

На настанот присуствуваа членови на боречките организации од повеќе градови, претставници на АРМ, локалната самоуправа на Маврово Ростуше, здруженија и граѓани.

Најпрво беше организирано положување цвеќе на споменикот до гробиштата каде се закопани жртвите на теророт во Беличица, а потоа и посета на спомен собата во некогашното училиште во која се поставени фотографии и податоци за загинатите.

Централното одбележување се одржа пред споменикот во селото Трница, посветен на загинатите партизани и цивили, каде реферат прочита претседателот на Сојузот на борци Гостивар, Радислав Ѓиноски.
„Денес се навраќаме во село Беличица за да се потсетиме и да им оддадеме почит за положените животи за Слободна Македонија. На 19 септември 1944 година, овде, силата и бруталноста ја потиснаа свеста и надвладееја над разумот. Овде на тој ден зората не можеше да се влопи во утрото, а денот не можеше да се раздени. Пламените јазици шараа под небото на Беличица измешани со врисокот и лелекот од очајот на оние кои гореа живи. Беличица ја доживеа големата  трагедија, сардисана од неколку стотици балистички одметници предводени од Аќиф Речани. Беличица беше запалена. Од 42-те куќи изгореле 38 со сета покуќнина, добиток, живина… Настрада и третиот тетовски партизански одред кој во Беличица се затекна на својот марш кон партизанската база на Караорман и кој ја прифати борбата со балистите за да го одбрани селото. При тоа биле убиени 21 борец и 18 селани. Временската дистанца не ја намалува болката за сите нив, но уште посилна ја чини благодарноста за нивната жртва, па затоа и не може да бидат заборавени. Да го дигнеме гласот против сеништето на минатото, а да ги здружиме сите сили за да го сочуваме мирот во нашата татковина и сите творечки сили да да ги насочиме за доброто на човештвото.“, истакна Ѓиноски.

Цвеќиња беа положени и на споменикот во Трница, каде беше интонирана и химната на Македонија.
На денешното одбележување букети положија делегации на: општинските организации на Сојузот на борци од градовите: Гостивар, Тетово, Прилеп, Охрид, Кичево, Дебар, Струмица и Радовиш, потоа Одборот на бранителите на Македонија, АРМ касарна „Кузман Јосифоски Питу Тетово“ на чело со потполковник Томислав Ристовски, ОК ВМРО ДПМНЕ Гостивар, СУБНОР Штрбце-Косово, Здружението за развој и унапредување МЗ Беличица, Месната заедница Беличица и општина Маврово Ростуше.

Присутните со едноминутно молчење им оддадоа почит на партизаните и жителите кои ги загубија своите животи во масакрот во Беличица.
На 19 септември 1944 година, бранејќи ја Беличица, во судирот со злосторничките банди загинале 21 припадник на Тетовскиот партизански одред. 18 жени, деца и старци од селото биле стрелани и фрлани во огновите на запалените куќи. Двајца партизани Андреа Христоски – Шварц и Младен Симоски – Требош, кои биле заробени, два дена подоцна на 21 септември се стрелани во дворот од црквата Свети Никола во Тетово.

Извор