Одбележување на Денот на АРМ: Почит и признание за храброста и посветеноста на сите припадници на армијата

Во пресрет на 18 Август-Денот на Армијата на Република Македонија, на платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот денеска се одржа традиционален свечен собир на вработените во Генералштабот и Министерството, на кој пред присутните се обратија началникот на Генералштабот, генерал-потполковник, Васко Ѓурчиновски и министерот за одбрана, Владо Мисајловски.

Честитајќи им го Денот на Армијата, на вработените во Генералштабот и Министерството за одбрана, генералот Ѓурчиновски истакна дека е горд на професионалноста и посветеноста во работата на сите вработени, притоа истакнувајќи дека во изминатите шест години се остварени голем број подобрувања на условите за живот и работа и модернизација со очигледни резултати. На крајот од своето обраќање на вработените им посака понатамошни успеси.
Министерот Мисајловски во своето обраќање истакна дека денешниот ден е повод за истакнување на достигнувањата и оддавање почит и признание за храброста и посветеноста на сите припадници на Армијата.
-Денеска започнуваме со одбележување на 18 август – Денот на македонската Армија. Ден кој е посветен на сите вас, мажи и жени кои сте непоколеблив штит на нашата безбедност и стабилност, на нашата држава. Ден за истакнување на достигнувањата и оддавање на почит и признание за храброста и посветеноста на сите припадници на Армијата. При справување со секојдневните предизвици и во кризните состојби секогаш сте подготвени да одговорите. Тоа е доказ за вредностите кои ги носите со себе – чест, лојалност и интегритет, додека силата и пожртвуваноста извира од срцата на секој еден припадник, истакна министерот Мисајловски.

Тој се осврна и на припадниците на Армијата кои ги положија своите животи при извршувањето на должноста.
-Нивниот спомен живее во сите нас, а нивната храброст не инспирира затоа што тие ни го покажаа вистинското значење на службата, наше е да продолжиме да го почитуваме нивниот спомен, рече Мисајловски.
На денешната свеченост по повод Денот на Армијата се соопштија наредби за унапредувања во повисок чин, наградни отсуства, плакети, значки, благодарници и други стимулативни мерки за припадниците на Армијата и Министерството за одбрана, како и на организации коипридонеле за развојот на одбраната и Армијата.
Во склоп на свеченоста министерот за одбрана Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, заменик на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин и делегација составена од претставници од семејствата назагинатите бранители положија цвеќе пред спомен обележјето на загинатите бранители пред Министерството за одбрана.
Претходно од страна на делегации од Министерството за одбрана и Генералштабот предводени од началникот на Генералштабот, кабинетот на Претседателката, Собранието, Владата, Сојузот на здруженија на борците од НОБ, Организација на резервни воени старешини, Градот Скопје и други, со воени почести се положија венци цвеќе на партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Клигоров и на гробот на генерал Михаило Апостолски.

Извор