Говорејќи пред старо-новиот состав на Комисијата, Муцунски посочил дека одлуките и дискусиите треба да ги водат врз основа на научни аргументи и со целосно почитување на академската слобода. Ја истакнал и личната заложба за независност во одлучувањето на Комисијата, без политички влијанија и притисоци
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска одржал протоколарна средба со членовите на македонскиот тим од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, по кадровските промени во ова тело што на почетокот на септември годинава ги направи Владата.
Говорејќи пред старо-новиот состав на Комисијата, Муцунски посочил дека одлуките и дискусиите треба да ги водат врз основа на научни аргументи и со целосно почитување на академската слобода.
„Во своето обраќање истакнав дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со сите свои капацитети им стои на располагање за одговорно и непречено извршување на нивните активности. Дополнително, ја нагласив и мојата лична заложба за независност во одлучувањето на комисијата, без никакви политички влијанија и притисоци“,
информира Муцунски во објава на својот фејсбук-профил.
На почетокот на септември годинава Владата на затворена седница го избра новиот состав на Комисијата за историски прашања со Бугарија. За претседател беше назначен Ванчо Ѓоргиев, професор на Факултетот за историја во Скопје. Во новата комисија нема да биде дотогашниот претседател Драги Ѓорѓиев, кого премиерот Христијан Мицкоски го обвини дека не ги штител доволно националните интереси.