Во рамките на Институтот Хајделберг во Скопје во присуство на Германската делегација од Франкфурт во Скопје, медиуми и гости се одржа Првата јавна дебата на тема „Германското дуално високо образование и врската со бизнис секторот“.
На јавната дебата на главни говорници беа проф. д-р Урсула Бишер-Ото, Претседател на Провадис Универзитетот во Франкфурт, Лукас Рудериш, директор за развој од Провадис Универзитетот во Франкфурт, како и проф. д-р Улрих Зајтел, претседател на Бордот на директори на Хајделберг Факултетот во Скопје и член на Економскиот совет на ЦДУ и модератор на панелот, Добринка Демјански.
Главните теми на кои се дискутираше беа потребата од трансформација во образовните процеси, недостигот на кадри, младинската невработеност и работна миграција на младите во земјите од ЕУ, како и адаптација на германскиот дуален високообразовен модел во нашата земја.
Модераторот на панелот Добринка Демјански, пред присутните говорници и публиката ја претстави идејата и моделот за започнување со работа на Хајделберг Факултетот во Скопје, факултет којшто во својата програма ќе има сосема нов модел на образование и пракса, преземен и со поддршка од германскиот дуален образовен систем којшто ќе се прилагоди во соработка со бизнис секторот во Македонија. Добринка нагласи дека германско дуално високо образование има уникатен пристап кој ги комбинира академските студии со практичното работно искуство, обично во партнерство со компанија. Целта на оваа панел дискусија не е само да се потенцираат причините и идеите за потребата од дуално образование во Македонија, туку да се наведат и конкретните активности што можеме да ги преземеме за успешно имплементирање на овој модел во Хајделберг Факултетот во Скопје.
Дуалниот систем на високото образование го премостува јазот помеѓу академското знаење и практичните вештини
Панел дискусијата одговори на неколку прашања:
Проф. д-р Улрих Цајтел објасни како дуалниот систем на високото образование во Германија го премостува јазот помеѓу академското знаење и практичните вештини преку единствен пристап кој комбинира теоретско учење со практично работно искуство. Овој модел функционира на начин што студентите наjизменично имаат универзитетски предавања и практичнa обука на работното место.
Тој преку неколку примери ги објасни сите придобивки од дуалното образование. Многу компании им плаќаат на студентите за нивната работа или ја покриваат школарината. Блиската соработка помеѓу образовните институции и бизнисите е клучна за успехот на овој модел, обезбедувајќи непречена транзиција од образование кон вработување. На прашањето на кои начини бизнисите имаат корист од нивното партнерство со дуланите високообразовни институции, проф.д-р Цајтел нагласи дека бизнис секторот има голема корист од таквиот систем на образование затоа што на тој начин се градат таленти, се намалуваат трошоците и за студентите и за бизнис секторот, а се зголемува продуктивноста и задржувањето на вработените. Исто така на овој начин се добива и развој на наставните програми, односно факултетот во соработка со компаниите изработува наставни програми која еволуираат со најновите индустриски технологии и практики, осигурувајќи се дека дипломираните студенти се подготвени за работа. Оваа соработка не само што му користи на бизнис секторот, туку придонесува и за конкурентноста на државата во регионот и пошироко преку создавање на квалификувана работна сила која ги задоволува сегашните и идните барања на пазарот. На прашањето како може германскиот модел на дуално образование да се прилагоди за да одговара на специфичните потреби на македонската економија и нејзините деловни сектори, проф.д-р Цајтел објасни дека приспособувањето на германскиот модел на дуално образование вклучува неколку клучни точки, како што се проценка на локалните потреби, односно разгледување на специфичните вештини и компетенции што ги бара македонската економија како и анализа на клучните индустрии и сектори кои ја движат економијата и идентификување на вештините коишто недостасуваат на тековната работна сила. Исто така професорот нагласи дека Хајделберг Факултетот во Скопје во соработка со Хајделберг Универзитетот во Германија и Провадис Факултетот во Франкфурт, Германија ќе направи приспособување на наставната програма којашто ќе биде прилагодена да одговори на барањата на локалниот пазар. Тој исто така нагласи дека овде не се исклучува и потребата од поддршка на Владата на Република Северна Македонија којашто може да има голема улога во олеснувањето на овие партнерства, обезбедувајќи стимулации за учество на бизнисите и осигурувајќи се дека регулаторната рамка го поддржува системот за дуално образование.
Програма дизајнирана да им даде на студентите поразновидно и сеопфатно образование
Проф. д-р Урсула Бишер-Ото, даде краток осврт на успешни примери од студенти кои имаат завршено дуална програма за високо образование во Германија со единстевен заклучок дека тоа е идеалниот модел за секој студент затоа што програмата е дизајнирана да им даде на студентите поразновидно и сеопфатно образование, подготвувајќи ги за успех во кариерата. Студентите кои ги завршуваат овие програми често имаат поголема можнот за запишување на магистерски студии, како и подобра можност за вработување во областа на своето образование. На прашањето како дуалниот систем се прилагодува на брзо менувачките барања на деловниот сектор, професорката објасни дека тоа се прави преку неколку клучни стратегии, како што се континуирана соработка која поттикнува тековни партнерства со бизнисите за да се осигура дека наставната програма останува релевантна за тековните потреби на индустријата, како и флексибилност во наставната програма којшто ќе овозможи брзи ажурирања и промени на наставната програма како одговор на новите технологии и деловни практики. Овие пристапи му помагаат на дуалниот образовен систем да остане динамичен и одговорен, осигурувајќи се дека студентите се опремени со вештини и знаења кои се барани во современиот деловен свет. За тоа кои мерки се преземаат во Универзитетот Провадис во Франкфурт, Германија, проф. д-р Урсула додаде дека за да се обезбеди квалитетот на образованието и обуката во дуалниот систем, обично се применуваат неколку мерки од коишто најважна е акредитација којашто се повторува на секои шест години во нивниот универзитет и процесот на акредитација е да се осигура дека факултетот ги исполнува одредените стандарди за квалитет во нивните програми.
Германскиот модел на дуално образование може ефективно да се прилагоди во корист на македонската економија
Како важен дел од панелот со своите одговори, придонесе и г-нот Лукас Рудериш којшто како одговорен за развојот на Провадис Факултетот во Франкфурт ги објасни предизвиците со кои се соочуваат образовните институции во одржувањето на релевантни и ажурирани програми во соработка со бизнис секторот како и одржување чекор со технологијата, брзиот технолошки напредок и потребата за промена на наставните програми и нивна постојана ревизиија. Тој начин на настава, како и изборот на предавачи на факултетот коишто се успешни и во бизнис секторот е многу важен за успешна имплементација на дуалното образование. Студентите имаат моженост покрај академско знаење да добијат и знаење од искусни лидери во својата област.
Рудериш нагласи дека доколку се применат сите овие модели, Хајделберг Факултетот во Скопје со поддршка од Хајделберг Факултетот во Германија и Провадис Универзитетот во Франкфурт, Германија ќе придонесе за обезбедување на квалитет и одржувањето на високите стандарди на германскиот модел. Со внимателно разгледување на овие совети, германскиот модел на дуално образование може ефективно да се прилагоди во корист на македонската економија и нејзиниот бизнис сектор, обезбедувајќи квалификувана работна сила која ги задоволува потребите на современото деловно опкружување.
Дебатата следи откако Хајделберг Факултет во Скопје беше акредитиран и признаен како нов партнер за изведување на додипломски германски студии. По што беше одобрена годишната програма на институтот за 2024 година и официјално основана новата образовна установа која има за цел, во годинава, да објави Конкурс за прием на студенти на додипломските акредитирани студии со двојна диплома (германска и македонска), и тоа: Бизнис администрација: банкарство, осигурување и контролинг (30 студенти); и Податоци и компјутерски науки (30 студенти).
Ова е за прв пат во земјите од Западен Балкан да се студира на германски (ЕУ) студии, кои, од нашиот партнерски Универзитет за дулани студии од Франкфурт (С.Р. Германија) се директно признаени во 75% од целата настава (или 135 ЕКТС) во Скопје. Остатокот од 25% ќе се работи во 6-тиот семестар со изработка на дипломска работа и завршна проектна задача (во Германија). Со тоа, младите од регионот на Западен Балкан ќе можат да се стекнат со диплома за завршено високо образование во С.Р. Германија, но по трошоци за студирање како во македонскиот образовен систем.
Хајделберг Факултет – Скопје