Одземени се три мандати на грчката партија Спартанци – Парламентот за првпат ќе брои 297 наместо 300 пратеници.

Специјалниот Врховен суд на Грција, кој е одговорен за проверка на валидноста на парламентарните избори и за разрешување на пратеници, донесе одлука да им ги одземе пратеничките места на тројца пратеници од малата радикално десничарска партија Спартанци. Одлуката се донесе поради поврзаноста на овие пратеници, вклучително и лидерот на партијата, со поранешниот член на неонацистичката партија Златна зора, Илиас Касидиарис, јавува дописничката од Атина.

На изборите во 2023 година, партијата Спартанци освои 4,68% од гласовите и доби 12 пратенички места, но сега останува со пет пратеници, бидејќи седум од нив станаа независни. Со одлуката на судот, нивниот број ќе се намали на тројца, што значи дека според грчкиот Устав, не може да се задржи пратеничката група.

Со оваа промена, грчкиот парламент ќе има 297, а не 300 пратеници. Владиниот портпарол, Павлос Маринакис, истакна дека се намалува и парламентарното мнозинство.

„По прв пат ќе имаме Парламент со 297 членови. Мнозинството се намалува на 149 од 151 пратеник колку што е сега. Оваа одлука е резултат на судството, а не на Владата. Парламентот, преку законската иницијатива на Владата во последните четири години, му ја даде оваа можност на судството“, изјави Маринакис за грчката телевизија Скај.

Според информациите од медиумите во Грција, во блиска иднина Парламентот ќе ја разгледа судската одлука и последиците што ги носи за неговиот состав.