ОЈО отвори истражна постапка и побара притвор за возачот на Палевски

Основното јавно обвинителство Скопје известува дека донесе наредба за спроведување истражна постапка за возачот кој го возел првоосомничениот за убиството на младата Вања Ѓорчевска, Љупчо Палевски – Палчо, кој го превел од Србија до Турција.

Како што информираат од ОЈО Скопје, во период од 01.12.2023 година до 03.12.2023 година осомничениот му помогнал на Палевски да не биде откриен за две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие) заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик, обезбедувајќи му превоз со автомобил.

-Сега осомничениот, по претходна комуникација и договор со сторителот кој се наоѓал во Република Србија, со возило Ланд Ровер со струмички регистарски ознаки, сопственост на правно лице се упатил кон Белград. Таму се сретнал со сторителот и заедно со возилото се упатиле кон границата на Србија со Бугарија – граничен премин Калотина. Границата ја поминале на 02.12.2023 година, па движејќи се низ територијата на Р.Бугарија истиот ден пристигнале на границата со Турција, граничен премин Капитан Андреево, и влегле во Турција. Таму биле заедно до 03.12.2023 година, по што сторителот останал, а сега осомничениот со возилото преку Грција се упатил кон државава каде бил приведен на граничниот премин Стар Дојран, велат од ОЈО Скопје.

Прочитајте и:  Сослушан возачот што го превезе Палчо до Турција, Кешишов го сменил првичниот исказ

Оттаму исто така информираат дека надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

-За уште едно лице кое од вчера беше задржано 24 часа во полициска станица, до ОЈО Скопје е доставено известување. Јавен обвинител оцени дека во овој момент не постојат законски основи да бидат предложени мерки на обезбедување, меѓутоа проверките за негова евентуална инволвираност во кривично-правен настан продолжуваат, известуваат од ОЈО Скопје.

- Реклама -