Околу 20 од загинатите во Бугарија се од општина Студеничани, повеќе од 16 се од Чаир

Од вкупниот број на загинатите сообраќајна несреќа во Бугарија, околу 20 лица се од населените места од Општина Студеничани, изјави градоначалникот Азем Садику, потенцирајќи дека ќе бара истрагата да оди до крај и да се најдат причините, посочувајќи дека владите на двете држави треба да работат на пронаоѓањето на причините за трагедијата.

„Цело едно семејство – една мајка со четири деца и другата снаа со две деца се со потекло од селото Моране. Друга причина што сме тажни и немаме зборови како да ја искажеме нашата жалост е нашиот колега матичар кој што работи во Службата за матична евиденција во Скопје, кој со неговата сопруга загина. Имаме и учителка од училиштето ‘Наим Фрашери“ од Студеничани, исто така со малолетно дете’ загинаа. Има загинати и од Долно Количани“, рече Садику.

Според информациите што ги има, посочи тој, од седумте преживеани лица четири се од Долно Количани.

„Ова е една голема загуба за сите нас, за цела држава и во име на граѓаните на Општина Студеничани најпрвин на роднините на загинатите им изразувам длабоко сочувство, Господ да им даде сабр за да ја издржат оваа болка, починатите да бидат наградени со Џенет. Ова е голема болка, човек не може да најде зборови како да ја искаже жалоста и болката. Црн ден за целата држава, а посебно за нашата општина“, рече Садику.

Градоначалникот на Чаир – Висар Ганиу, пак, соопшти дека официјално 16 од жртвите се од оваа скопска општина, потенцирајќи дека дополнително има и повеќе жртви кои живееле во Чаир, но имаат адреси во други општини.

„Бев во контакт со роднините кои беа погодени од оваа трагедија. Тука сум да покажам дека Општина Чаир е отворена во секое време и за секаква помош“, рече Ганиу за ТВ21.

Тој потенцираше дека за утре во 10:00 часот општината закажала седница во врска со трагичната несреќа во Бугарија, на која ќе се дискутира за правните начини за да се помогнат настраданите семејства.

„Со документи ги идентификувавме, значи дека се со адреса во пасошот во Чаир се 16. Но, бројката е поголема затоа што имаме сограѓани кои живеат во Чаир, но адресите ги имаат во Општина Гази Баба, Студеничани и други општини“, рече Ганиу.

Извор: МИА

- Реклама -