Клучни резултати за првите девет месеци во 2022 година
Резултатите во првите девет месеци од 2022 се подобрија во споредба со минатогодишните, одразувајќи ја зголемената побарувачка за горива на домашниот и извозниот пазар, што го неутрализираше негативното влијание на енергетската криза врз оперативните трошоци. Приходите од продажба изнесуваат 45.328 милиони денари, што претставува зголемување од 160%, во однос на истиот период минатата година, поттикнати од зголемената продажба на домашниот и извозниот пазар. Бруто маржата достигна 1.317 милиони денари, надминувајќи ги 850 милиони денари постигнати истиот период минатата година.
ЕБИТДА за првите девет месеци од 2022 изнесуваше 1.035 милиони денари, повисока за 67% во однос на истиот период минатата година, а добивката пред оданочување изнесуваше 848 милиони денари, што претставува зголемување од 80%, споредено со истиот период минатата година. Овие резултати се придобивка од повисоката продажба на домашниот и извозниот пазар, потпомогнати од добивките од вреднувањето на залихите поради растот на меѓународните цени на нафтата што позитивно влијаеше на резултатите за првите девет месеци од 2022 година за 512 милиони денари.
Зголемена побарувачка на домашниот и на извозниот пазар на горива во третото тримесечје од 2022 година
Во третиот квартал од 2022 година приходите од продажба достигнаа 17.612 милиони денари, што претставува зголемување за 132%, споредено со третиот квартал во 2021 година, предводени главно од дизелот, благодарение на тековното закрепнување на економскиот раст и значителниот транзитен туризам, што го поддржа закрепнувањето на побарувачката на домашниот и извозниот пазар.
Поради работата на електраните во екот на актуелната енергетска криза, продолжи зголемената побарувачка на мазут. Од друга страна, зголемените инфлациски притисоци и зголемените енергетски трошоци резултираа со зголемување на оперативните трошоци за 19%, споредено со истиот период минатата година.
И покрај предизвиците, ОКТА успешно ги надмина турбуленциите со кои се соочи во еволуирачкото пазарно опкружување, исполнувајќи ја својата стратегија. Оттука, ОКТА го затвори третиот квартал од 2022 година со ЕБИТДА која достигна 59 милиони денари, и е пониска од остварените 225 милиони денари во истиот период минатата година. На овој резултат најмногу влијае значајниот негативен ефект од вреднувањето на залихите од 172 милиони денари, наспроти позитивниот ефект од 84 милиони денари кој беше постигнат во третиот квартал на 2021 година. Со ова, прилагодената ЕБИТДА достигна 231 милиони денари, што е зголемување за 63% наспроти третиот квартал во 2021 година.
Менаџментот на ОКТА продолжува внимателно да ја следи ситуацијата, бидејќи флуктуациите на цените на суровините може да влијаат на вреднувањето на залихите, што може да имплицира засилена неизвесност во однос на објавените метрики за следните квартали.
Општествена одговорност
Во рамките на нашата програма за општествена одговорност „Нова генерација“, ОКТА ги поддржува младите преку обезбедување можности за студентите кои имаат желба да се стекнат со знаење и работно искуство. Така, ОКТА шеста година по ред потпиша меморандум за соработка со Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, преку кој ќе бидат доделени стипендии за постдипломски студии за научни области релевантни за дејноста на компанијата на пет истакнати студенти. Како долгогодишен промотор на културното наследство на земјата, ОКТА го поддржа организирањето на познати музички и уметнички фестивали што се одржаа во изминатиот квартал.
Менаџментот на ОКТА ќе продолжи да ги смета како приоритети здравјето и безбедноста на своите вработени и клиенти, континуираното и непречено снабдување на земјата со висококвалитетни производи, внимателното следење на развојот на настаните на домашниот и на странските пазари, како и искористувањето на сите можности кои ќе излезат во пресрет.