Еден летен ден во 1973 година, во 11 часот претпладне, на една од трамвајските станици во Прага чекаше поголема група луѓе. Одеднаш, на патот се појави камион што се движеше со голема брзина, нагло заврте кон тротоарот и удри во луѓето што чекаа.
Улицата ја исполнија вресоци и мртви тела. Неколку метри подолу на улицата камионот стоеше запрен, а на возачкото место сосема смирена седеше 22-годишната девојка што реши да ги убие сите овие луѓе…
Олга Хепнарова е една од „најплодните“, а најмалку познати европски масовни убијци. Нејзиното дело е речиси уникатен чин на убиство со возило – таа уби 8 луѓе и повреди уште десетина. Колку и да звучи сурово методот, најсуровото од сé е ладнокрвноста со која Олга го планирала и го изврши планот.
Измачувана од психолошки проблеми и водена од интензивната омраза кон човештвото, младата камионџика решава да изврши монументален чин на одмазда кон светот. Нејзините мотиви ги опиша во две писма испратени до чешките весници – писма кои беа испратени два дена пред чинот, но предоцна отворени. Во нив Хепнарова пишува:
„Јас сум осаменик. Уништена жена. Жена уништена од луѓе. Јас имам избор – да се убијам себеси, или да убијам други. Мојата пресуда е: Јас, Олга Хепнерова, жртвата на вашето ѕверство, ве осудувам на смрт“.
Казната што таа ја изрече ѝ се врати со изречена казна – смрт со бесење. Две години подоцна, таа висеше на јаже на платформата за егзекуција, со што стана последната жена што била обесена во (тогаш) Чехословачка и една од последните во Европа.
Нејзината темна приказна е тема во новиот филм „Já, Olga Hepnarová“, во режија на Томас Вејнреб и Петр Казда. Филмот го документира ладнокрвното убиство, но и сé што ѝ претходеше на суровата одмазда кон човештвото, притоа навлегувајќи во комплексната психа на Олга.
„Таа не беше врколак или некакво фантастично чудовиште“, вели Вејнреб. „Таа беше човек. Во нејзиниот живот, видовме приказна на одметник, на личност што едноставно не се вклопуваше во општеството. Осаменоста и омразата се тие што на крајот доведоа до страшниот чин на насилство – тоа е приказната што ние сакаме да ја раскажеме“.
Оваа приказна, во филмот раскажана во црно-бело, почнува со обидот за самоубиство на Хепнарова кога имала 13 години. Тој чин пак, кога Олга земала полна рака од лекот Meprobamat, бил резултат и кулминација на малтретирањето на кое Олга сметала дека била подложена од страна на соучениците.
Следела долга историја на посети и престои во детски психијатриски клиники во Опарани, при кои докторите утврдиле низа нездрави особини – апатија, недисциплина, негативизам, отсеченост, повраќање и никотинска зависност – но не можеле да донесат комплетна дијагноза на болеста на Хепнарова.
Дури на крајот еден од психијатрите на кој Хепнарова всушност му се отвори успеа да ја дијагнозира, и тоа со шизофренија. Две години подоцна, во 1967-мата, една недела пред нејзиниот 16-ти роденден, таа му напиша писмо во кое го извести за својат тогашната состојба.
Во писмото пишуваше дека воопшто не зборувала со татко ѝ од последниот пат кога ја истепал и дека веќе нема за што да зборува со мајка ѝ. Највпечатливото, сепак, е нејзиниот поглед кон општеството, опишан во продолжение на писмото:
„Ги мразам луѓето. Се прашувам како мојата врска со нив ќе изгледа со текот на времето. Сакам луѓето воопшто да не постојат за мене. Нивните зборови и дрдорења се индиферентни за мене. Тоа е тоа што го сакам. Подобро е за мене кога сум сама отколку кога сум со нив. Сите паѓаат на нивните насмевки и пријателства. Тие ми ја осакатија душата“.
Откако излегла од болница и не успеала да задржи неколку работни места, Хепнарова се повлекла во една селска куќичка во рурална Чешка и почнала да работи како возач на камион. Во овој период ѝ се буди и сексуалниот апетит, па Олга ќе има многубројни сексуални врски, пред сé со жени, но и со мажи. Во филмот тоа е прикажано низ неколку експлицитни сцени, а прикажана е и нејзината долга врска со еден постар маж Мирослав, со кого Олга беше на долг кампувачки одмор непосредно пред да ги убие луѓето на трамвајската станица.
…Откако ги напишала писмата до весниците, таа изнајмила камион и се одвезла до прометната населба во Прага наречена Стросмајерово Намести. Трамвајската станица била преполна и се наоѓала во подножјето на ридот. Според Олга, таквата местоположба овозможувала „добар залет“ и „максимален импакт“.
Кога прв пат се приближила до станицата, се премислила. Не заради тоа што го сменила планот или затоа што ја гризела совеста, туку затоа што проценила дека има премалку луѓе. Откако провозела низ населбата и се вратила на позиција, се обидела уште еднаш.
Овој пат сé било според планот – Олга се искачила на тротоарот на околу 30 метра од станицата и продолжила да забрзува директно удирајќи во 20 од чекачите. Удрила и во неколку продавници, а потоа застанала на крајот на улицата каде што мирно седела и ја чекала полицијата.
Сударот уби тројца на лице место, а другите пет починаа подоцна, подлегнувајќи им на повредите додека беа во болница. Дванаесет други беа повредени, а за среќа (ако може така да се рече) сите жртви беа постари лица.
По извршувањето на убиството, Хепнарова покажа тотално отсуство на каење или грижа на совест, одново и одново изјаснувајќи се за виновна и барајќи да биде осудена на смртна казна. Таа беше спроведена на 12 март 1975 година.
Од записите на Олга се гледа дека таа се чувствувала тотално неразбрана од општеството. Пишува за тоа како била избркана од истото, малтретирана како тинејџер и ставена во психијатриска болница од нејзиното семејство.
„Пред 40 години, општеството не знаеше како да ги третира луѓето со психолошките проблеми што таа ги имаше“, вели Вејнреб. „Тогаш ти само беше чуден, а другите те гледаа како странец. Во времето на нејзиното судење постоеја само две можни казни – или максимум 15 години во затвор, или смртна казна. Тогаш не беше можно да се служи затворска казна доживотно. А 15 години во затвор едностанво не се чинеа доволна казна за хоророт што Олга го предизвика“.
Трејлер за филмот: