Олмо: Ги сакам сите титули со Барселона


Шпанскиот фудбалски репрезентативец Дани Олмо, кој во петокот потпиша шестгодишен договор со Барселона, изјави дека се вратил во каталонскиот клуб за да ги освои сите можни титули.

„Дојдов да победувам и да ги освојам сите можни титули. Ние сме Барса и треба да се бориме за сите титули“, изјави 26-годишниот офанзивен играч за врска за клупската телевизија на Барселона.

Олмо, роден во Каталонија, играше во младинскиот тим на Барселона, од каде што се пресели во Динамо Загреб во летото 2014 година. Во зимата 2020 година, замина од Загреб во германски Лајпциг. Откако минатиот месец го освои Европското првенство со селекцијата на Шпанија, тој се врати во својот матичен клуб.

„Пресреќен сум, бидејќи мојот сон се оствари. Мило ми е што се враќам дома, кај моето семејство, кај соиграчите од репрезентацијата…“, изјави Олмо.

Барселона минатата сезона не освои ниту едно натпреварување. Остана во сенка на најголемиот ривал Реал Мадрид, освојувач на Лигата на шампионите и шпанското првенство.

„Сега почнува нов период“, изјави младиот играч кој по цела деценија се врати во Барселона.

Во саботата првпат тренираше со новите соиграчи под водство на тренерот Ханси Флик.

„Едвај чекам се да почне“, рече Олмо.

Барселона во понеделник пред своја публика ќе одигра пријателски натпревар со Монако. Со овој натпревар, познат како „Трофеј Жоан Гампер“, кој го носи името на основачот на клубот, Барселона традиционално ја започнува сезоната. Тоа ќе биде претставување на тимот пред своите навивачи, а тоа ќе биде и можност за Олмо да дебитира во сино-црвениот дрес.

„Подготвен сум“, рече тој.

- Реклама -