Смелиот дизајн на Opel Mokka (видео)

Смелиот дизајн, исклучителната флексибилност и агилноста се адутите кои ги препознаа 40.000 купувачи уште пред Mokka да се појави на пазарот.

Малиот теренец ќе настапува како дел од заедничкото трио на General Motors, понудено под ознаките на Buick, Opel и Chevrolet.

Додека кај нас сонцето сé уште доминантно владееше со календарската есен, караванот македонски новинари весело тргна кон северот на Европа, во монденското германско летувалиште Санкт Петер-Ординг, за да се запознае со новитетот кој го насочува вниманието на јавноста не само кон себе, туку и кон цела една не така нова, но сега доста перспективна класа возила. Студениот ветер кој нé дочека на брегот на Северното море не го оддува нашиот интерес за новиот мал SUV на Opel, кој, наречен според сортата ексклузивно арапско кафе, уште при првата средба ни ја разигра љубопитноста со својата уникатна комбинација на стил и содржина.

Opel Mokka

Возната динамика на Opel Mokka е добиена со комбинирање на испробани и нови технологии

Мускулестиот дизајн му дава динамичен, но во стилот на Opel елегантен изглед кој предизвикува емоции, а коктелот од технологии, спакуван во јасно дефинирани димензии кои го протегаат на 4,3 метри должина. недвосмислено укажува дека е наменет за активни, технолошки ориентирани луѓе. Заради тоа и голем акцент е ставен на hi-tech опремата со која може да се добие – тука се Opel Eye камерата која вклучува TSR систем за препознавање на сообраќајните знаци, LDW систем за предупредување на напуштање на лентата на возење и FCA систем за детектирање опасност од судар, потоа ESP Plus електронскиот систем за стабилност со HAS електронската помош за тргнување на нагорнини и HDC системот за спуштање по стрмнини, но и AFL+ адаптивните предни светла со 11 различни функции за осветлување на патот.

Во возењето се добива впечаток дека примарно е наменет за урбана употреба, иако располага со систем за погон на сите четири тркала со повеќеламелна спојка, кој автоматски ја распределува силината меѓу предната и задната оска од 100:0 до 50:50 отсто, чии компоненти тежат само 65 kg. Градската намена му се гледа и од секојдневната употребливост, збогатена со новата генерација FlexFix носач за 3 велосипеди, кој овозможува пристап до багажникот од 362 литри без да се демонтира. Посебно интересна нам ни се виде верзијата со 1,4 литарски турбо бензински мотор со 140 KS, кој преку шестстепен, засега само мануелен, а подоцна и автоматски менувач, ги задвижува сите четири тркала. Неговата напредна технологија му овозможува висок вртежен момент од 200 Nm, кој Mokka го преточува во максимални 190 km/h, забрзување до 100 km/h за 9,9 секунди, просечна потрошувачка од 6,4 l/100 km и емисија на CO₂ од 149 g/km.

Opel Mokka

 

Opel Mokka
Mokka во целост ги исполнува секојдневните потреби на современиот човек, а е погодна и за викенд авантури

Кај нас секако ќе привлече внимание и 1.7 CDTi верзијата со 130 коњски сили и 300 Nm, која може да се добие со погон на предните или сите четири тркала и со шестстепен мануелен или автоматски менувач, кој просечно троши само 4,5 l/100 km и емитува 120 g/km CO₂, но и 1,6 литарската верзија со атмосферски бензински мотор со 115 коњски сили, петстепен мануелен менувач и погон само на предните тркала, чија цена е позиционирана на 16.375 евра. Сите моторни верзии на Mokka, освен оние со автоматски менувач, стандардно доаѓаат со старт-стоп систем.

Mokka е втор од трите модела со кои Opel навлегува во нови пазарни сегменти – првиот, електричната Ampera, ја освои титулата автомобил на 2012 година во Европа, а третиот, малиот Adam, ќе започне да ја освојува Европа со својот шарм во првата половина на идната година.

- Реклама -