Општина Центар: Немаме правен механизам да го спречиме градењето на катната гаража до Собранието

Од Општина Центар велат дека немаат правен механизам ниту законска можност да го спречат градењето на катната гаража лоцирана до Собранието, со оглед дека, како што појаснуваат за МИА, изведувачот „Анго“ поседува  правосилно одобрение за градење. Очекуваат решение за проблемот кое нема да биде на штета на институциите, општината и граѓаните.

Општината потсетува дека има издадено одобрение за градење на катна гаража лоцирана до Собранието врз основа на склучен Договор помегу „Анго“ и ресорното Министерство и оти во тек на 2020 година го има поништено одобрението за градење. – Но, по завршениот судски процес и донесена одлука од страна на судот 2021 година  пресудено е во корист на изведувачот и овозможено му е да продолжи со изградба на катната гаража, согласно Деталниот урбанистички план  за конкретната локација. Поради наведениве причини, Општина Центар во овој момент нема правен механизам ниту законска можност да го спречи градењето на катната гаража лоцирана до Собранието, со оглед дека изведувачот „Анго“ поседува  правосилно одобрение за градење, изјавија од Општина Центар.

Потенцираат дека очекуваат најавеното изнаоѓање решение од Владата и надлежните министерства  да оди во правец кој нема да биде на штета на граѓаните на Општина Центар, на институцијата и на општинскиот буџет.

Прочитајте и:  Герасимовски: Вандализмот да се казнува преку општествено корисна работа

По објавата дека Министерството за внатрешнираоти утврдило безбедносен ризик со изградбата на катната гаража, премиерот Христијан Мицкоски вчера најави дека следната недела во Собранието ќе има средба за да се надмине проблемот, што посочи дека треба да се реши, а не да се запоставува.

Мицкоски рече дека веќе е остварена комуникација од страна на Кабинетот на претседателот на Соранието, со компанијата што треба да ја гради катната гаража.

-Во македонското Собрание во текот на следната недела ќе има средба каде што проблемот треба да биде надминат. Треба да знаеме дека компанијата ги има испочитувано сите услови согласно закон, и ние неможеме да ја оштетиме компанијата затоа што некој некогаш не бил разумен и направил нешто што може да ја загрози безбедноста на македонското собрание. Проблемот ние треба да го решаваме и нема да седиме настрана. Тоа што некој се однесувал незрело, ние сега траба да решаваме, а со цел да нема оштетени и притоа да се зачува безбедноста на македонското Собрание, а компанијата согласно закон да се обесштети. Вистинската адреса за овој проблем е Собранието и од таму очекуваме конкретни информации, изјави вчера Мицкоски на новинарско прашање.

- Реклама -