„Добро е што и со ваква одлука ја разбранувавме јавноста, сѐ со цел да ја подигнеме јавната свест за почитување на прописите“, реагираат од Општина Ѓорче Петров откако одлуката за забрана за сушење алишта во дворните места кои гледаат кон улица или плоштад предизвика море реакции и прилично ги подели граѓаните во ставовите дали е оправдана или не.
„Мора да напоменеме дека претходната одлука содржеше членови кои се контрадикторни и се во правец на загадување, а не на заштита на животната средина. Во старата одлука беше дозволено да се одлага смет до контејнер. Целта е најпрво да се превенира пред да се казнува“, додаваат од Општината.
Во мини-анкетата на „Канал 5“, се отсликуваат двете генерални гледишта на граѓаните: За едните одлуката е избрзана/смешна, бидејќи има многу други поважни приоритети, а и некои немаат избор каде да ги сушат алиштата; За други, пресудно е што алиштата на жица во двор ја нарушуваат естетиката, и иако сме сѐ уште далеку од Европа, велат, мора од некаде да се почне.