Орбан: Ова е историска ситуација во која Унгарија се бори за Христијанска Европа

Во 20. век Унгарија беше губитник, но решена е во 21. да биде победник, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан во божиќното интервју за Magyar Idők.

„Ќе има избори во 2019-та, но ние гледаме кон 2030-та. Благодарение на осумте години заеднички напори, на стартот сме на нова ера и јас сум убеден дека не само што зачекоривме по нагорен пат, туку и ќе ја достигнеме нашата цел“, вели Орбан.

Протестите и „законот за робови“

Во однос на неодамнешните протести на опозицијата, Орбан вели дека политиката е област во која битките се водат дури и на Божиќната вечер, но и дека протестите се дел од секојдневниот живот во демократија. Сепак, истакна Орбан, тоа не се однесува на насилството, деструкцијата и вандализмот.

Лесно е да се процени ситуацијата: Владата се залага за работа, семејство и безбедност, а опозицијата за спротивното, вели Орбан. Мирната сила на една страна против агресијата, насилството, поддршката за миграција и даночни зголемувања од друга, додава.

Тие што аргументираат против неодамна усвоениот амандман на Законот за труд, кој опозицијата го нарече „робовладетелски закон“, всушност аргументираат против работниците, порача Орбан, затоа што според него, амандманот е во корист на интересите на работниците и ќе резултира со повисоки плати. „Наспроти лагите на опозицијата“, додаде унгарскиот премиер, „повисоките плати работодавачите ќе мора да ги исплаќаат месечно, исто како и порано“.

Единствениот потег на двотретинското парламентарно мнозинство кој опозицијата би го поддржала би бил оставка, коментира Орбан. Тие одбиваат да ја поддржат дури и зголемената поддршка за домашна нега; тие одбиваат конструктивна соработка бидејќи сакаат да ја срушат владата и преземат власта по секоја цена. Сепак, само електоратот го има правото да ја смени власта, а следната прилика ќе ја има во 2022 година, додаде Орбан.

Христијанска Европа

Големите западноевропски земји „експериментираат“ со развивање на мешана цивилизација, вели Орбан. „Тие мислат дека христијанска Европа треба да биде претворена во христијанско-муслиманска Европа… Централна Европа, меѓутоа, реши да не го почнува овој експеримент, бидејќи ризиците што ги носи се екстремно високи“, додава тој.

„Не сакаме нашите земји да бидат населени со мешана популација и затоа ги штитиме нашите граници и се противиме на миграцијата. Очигледно за сите е дека тие на Западот не ја почитуваат оваа наша одлука… Тие ја користат унгарската опозиција како алатка.

Прочитајте и:  Орбан за планот на Зеленски: Тоа е повеќе од страшно

Џорџ Сорос и неговите мрежи не го толерираат исклучувањето на Централна Европа од нивниот голем општествено-трансформативен експеримент… Европските парламентарни избори ќе бидат пресврт во оваа борба бидејќи ќе значат спротивставување на моќта на силите што ја бранат Христијанска Европа и тие што ја поддржуваат миграцијата. Ќе настане историска ситуација во која Унгарија се бори не само за себе, туку и за Христијанска Европа“, вели Орбан во интервјуто.

„Миграцијата носи екстремни ризици и кохабитацијата на цивилизациите инволвира тешкотии кои Европа може да не е способна да ги издржи“, оценува унгарскиот премиер. Демографијата е витално прашање и унгарската влада прави секаков напор да ги зацврсти семејствата бидејќи „веруваме дека семејствата се клучот за продолжување на унгарската историја и иднината на нашата нација“, додава тој.

„Ние Унгарците можеме да се потпреме само на самите себе. Затоа почнавме национална консултација на тема семејство. Ова го сметам за најсериозното прашање на агендата на унгарската политика“.

Унгарската економија во однос на Европа

На прашањето за можноста од економска криза, Орбан вели дека „не смее да се закопува главата во песокот“.

„Сосема логично е да се постави прашањето дали успехот на унгарската економија може да се одржи за време на европска или глобална економска криза“, смета Орбан. Според него, во 2008 Унгарија била меѓу првите земји кои доживеале колапс, но дека во моментов унгарската економија има силна основа. Дури и околностите да се влошат, унгарската економија ќе продолжи со добри перформанси, оценува тој.

„За време на криза, имање на стабилна влада со двотретинско мнозинство е од зголемено значење, бидејќи способноста да се преземе акција и мерки е важен ресурс“, вели Орбан.

„Требаше осум години за ние, како Унгарци, да се убедиме дека вреди да се работи напорно. Денес повеќе луѓе имаат стабилна работа од било кога порано. Како резултат, унгарската економија е отпорна на шокови“, заклучува Орбан.

- Реклама -