Покрај животот на 22-годишното момче кое имало сериозно заболување кое го оштетува срцето, органите на 20-годишната Верче од Берово ќе ги продолжат или подобрат животите на уште барем десетина други пациенти, информира Министерството за здравство, откако вчера доцна во вечерните часови успешно се спроведе и втората трансплантација на срце од починат донор.
Како што информираат од Министерството, два бубрега од оваа пациентка денес ќе бидат трансплантирани кај пациенти кои со години се на дијализа. Во понеделник наутро, пак, коската со метастази на пациент кој се лекува на Клиниката за ортопедија ќе биде заменета со здрава коска од починатата девојка. Уште десетина пациенти кои боледуваат од карцином кој им ги оштетил коските и пациенти со тешки фрактури кај кои нема можност да се стават протези ќе добијат заменски коски од починатиот донор. Ова е прва ваква експлантација направена во земјава, потенцираат од МЗ.
Тие изразуваат голема благодарност до семејството на починатата девојка, кое се согласи да ги донира органите на својата ќерка. „Огромна е жалоста за загубата на младата пациентка, но голема е утехата дека нејзиниот живот ќе продолжи преку неколку други“, велат од Министерството за здравство.
Тимот кој учествуваше во оваа комплексна операција е од некоку кардиохируршки центри. Тие уште еднаш ни докажаа дека нашиот систем располага со тим на хирурзи кој функционира беспрекорно.
Во процесот на трансплантација учествуваа доктори од клиниките за КАРИЛ, Урологија, Кардиохирургија, Ортопедија, Нефрологија, Радиологија, Кардиологија, Рентген институот, Клиниката Жан Митрев и Аџибадем Систина. Благодарни сме на сите лекари кои учествуваат во постапката на утврдување на мозочна смрт, во експлантација и во трансплантацијата на органи, како и на сите оние кои логистички ја поддржаа постапката, порачаа од Министерството.
Министерот Венко Филипче информираше и дека утрово тој и лекарскиот тим биле во визита на пациентот кому му беше пресадено срце. Момчето е во стабилна состојба.
„Да држиме среќа неговото тело да го прифати срцето. Силно верувам дека ќе ја имаме втората успешна трансплатација на срце, а младиот пациент ќе добие шанса во животот. Заради ваквите подвизи и хуманата природа на докторската работа, вредат сите непроспиени ноќи во салите за операција“, порача Филипче.