Османи: Декларацијата за Гоце Делчев нѐ враќа назад во процесот на преговори, слични иницијативи имаше ВМРО на Каракачанов

Декларацијата за Гоце Делчев, поднесена во Собранието од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, нѐ враќа назад во процесот на преговори со Бугарија за надминување на разликите и деблокадата на евроинтеграцијата на земјата, смета министерот за надворешни работи Бујар Османи.

„Слична ваква иницијатива имаше ВМРО на Каракачанов во бугарското Собрание по однос на Свети Кирил и Методиј. Сакаа Парламентот да ги дефинира историските прашања. Е сега тоа што имаат исти имиња партиите, не мора да имаат и исти ставови. Ако влеземе во таков натпревар, ние денеска Гоце Делчев, утре бугарското Собрание уште посилен текст за Гоце Делчев, па ние потоа, ние влегуваме во маѓепсан круг на односи не само со Бугарија, туку и генерално внатре во државата. Така што, мислам дека не треба историјата да ја користиме како платформа за изградба на нашите политички кариери, за дневно-политичките прашања и препукувања“, изјави Османи во утринското гостување во емисијата „Здраво Македонијо“ на ТВ „Канал 5“.

Тој додаде дека ова се прашања за кои е многу важно да постои надпартиско единство, а со цел заштита на важните прашања за граѓаните и државата, но пред се, за да не стане тоа тема за дневно-политички препукувања.

Извор: МИА

- Реклама -