Османи: Димитров да се занимава со историја, а не со политика

„Ангел Димитров не е политичар, туку е историчар, и му препорачувам да се занимава со историја, а не со политика“, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи, прашан за коментар за изјавата на копретседавачот од бугарскиот дел на Заедничката комисија за историски прашања со Бугарија, според кого земјава не се однесува како кандидат за членство во ЕУ.

Министерот Османи потенцираше дека еден од основните принципи на Договорот со Бугарија е овие две работи да бидат поделени – политиката на политичарите, а историјата на историчарите.

„Ангел Димиров очигледно покажува некоја политичка амбиција, но, уште еднаш да кажам, да се концентрира на следниот состанок на историската комисија, да се подготвува, бидејќи има кој да зборува за политиката“, рече Османи по завршувањето на настанот на кој заедно со косовскиот амбасадор засадија 13 дрвја во знак на 13-годишнината од воспоставувањете на дипломатски односи меѓу двете земји.

Прочитајте и:  Николоски: Ако сработиме добро со Франција, дипломатски тешкаш за едно попладне во Софија би го решил проблемот

Димитров денеска изјави дека во моментов „Република Северна Македонија не се однесува како кандидат за членство во ЕУ“.

„Самото потсетување на ЕУ до РСМ, иако со една фраза: дека мора да го почитуваат Договорот за добрососедство со Бугарија, ширум ја отвора вратата за нашите приговори и барања кон земјата“, рече тој во емисијата „Брисел 1“ на ТВ „Бугарија Он еир“.

Извор: МИА

- Реклама -