Кандидатот за градоначалник на Чаир од ДУИ и Националната алијанса за интеграција, Бујар Османи, во интервју за Фронтлајн вели дека блокадата на патот кон ЕУ е најголемата услуга за „српскиот свет“ и дека Владата ја претвора Северна Македонија во ембрион на српско-руското влијание.
За Општина Чаир Османи истакнува дека е најзагадената општина во Скопје, најнетранспарентната и најхаотичната општина во Скопје. „Затоа јас сакам да направам визија за еден модерен Чаир, во кој заедно со граѓаните ќе се договориме за тој план и потоа ќе започнеме еден по еден, чекор по чекор, да ја реализираме таа визија за Чаир“.
Османи вели дека има план и дека за тоа ангажира најголема светска експертиза – урбанистот архитект Мишел Ројкинд.
Фронтлајн: Кои се главните точки на вашиот мастер план за Општина Чаир и кои проекти ќе имаат приоритет доколку го добиете мандатот?
Бујар Османи: Сметам дека приоритет прво е тоа што јас на почетокот на мандатот правам план, затоа што сметам дека без план не може да се започне никаква работа. Не после дваесет години градење на Чаир да правите план, бидејќи не се прави план по завршување на куќата. Јас сакам да имам визија каде го гледам Чаир по една година, по пет години, по десет години. Не им велам на луѓето дека ќе го направам тоа како што е во планот за една година, туку им велам дека ниту еден чекор нема да направам надвор од планот и тоа ќе биде договорот со граѓанинот. Значи, ќе го презентирам планот за тоа како ќе изгледа Чаир по пет години пред луѓето, и ако луѓето го изгласаат тој план, тогаш тоа ќе биде план за кој сме се договориле и секој камен што ќе го помрднеме ќе биде во рамките на планот.
Ангажирав најголема светска експертиза, Мишел Ројкинд, можете да го побарате на интернет, тоа е најголемото светско име за урбанизам и архитектура, кој има направено најголеми светски проекти. Oд „Форбс“ е определен како еден од највлијателните луѓе во светот во однос на урбанистичките планови и јас имав среќа да имам контакти со него, комуникација за да се ангажира за Чаир. Тој со својот тим беше во Чаир, го снимаше Чаир, ги собра сите карти и моментално работат со регионални архитекти и архитекти од Чаир, кои ги знаат локалните околности, за да се среди визијата за Чаир.
Ќе започнеме од сообраќајот, затоа што како што знаете, главните булевари во Чаир се прекинати на две главни точки и тоа создава тесни грла, како што е во Чаирчанка и тоа не дозволува слободен проток. Затоа е многу важно булеварите да се поврзат, овие два главни прекини да се продолжат и тогаш ќе има слободно движење и нема повеќе да има тесни грла.
Второ, зоните меѓу овие булевари треба да се урбанизираат. На пример, Гази Баба нема Детален урбанистички план од 1995 година, а по закон општината е должна на секои пет години да го адаптира Деталниот урбанистички план. Затоа, преку комуникација ќе се обидеме да помогнеме во Генералниот план, во Урбанистичкиот план и овие неурбанизирани квартови, како што се Дижонска, Серава и Гази Баба, да добијат точна форма за тоа како ќе изгледаат по пет, по десет години и постепено ќе започнеме со граѓаните процес на урбанизација таму.
Ќе создадеме јавни простории, многу е важно да поставиме јавни простори. Јас сум лекар и сум рекол дека секој проект во Општина Чаир сакам да го поврзам со здравјето на човекот. Секоја улица што се прави има последица врз здравјето на човекот, секој тротоар има последица врз здравјето на човекот. Знаете ли вие дека според полицискиот извештај четири инциденти со тротинети се случуваат дневно во Чаир, кои завршуваат во операциона сала поради недостиг на тротоари, поради недостиг на соодветна сигнализација? Четири граѓани на Чаир завршуваат во операциона сала секој ден поради овие недостатоци. Затоа сакам секоја зона да има јавни простории, да има соодветна сигнализација, да имаме еден модерен Чаир.
На овие средби со граѓаните слушам дека луѓето сè уште имаат септички јами, немаат канализација, немаат притисок на вода. На Менделеева во Гази Баба нема вода, луѓето почнаа да копаат бунари по своите дворови за да обезбедат вода. Тоа значи дека имаме недостаток на планирање, 20 години се работело без план и сега по 20 години е ангажиран еден тим од другата страна за да прави план. Тоа е исто како да правите куќа и на крај да побарате да правите план. Недостасуваат основни услови за живот.
Чаир е најзагадената општина во Скопје, Чаир е најнетранспарентната општина во Скопје, најхаотичната општина во Скопје. Затоа јас сакам да направам визија за еден модерен Чаир, во кој заедно со граѓаните ќе се договориме за тој план и потоа ќе започнеме еден по еден, чекор по чекор, да ја реализираме таа визија за Чаир.
Повеќе тука




