Османи: Подготвени сме да исполниме сѐ што ќе побараат… уставните измени ќе успеат зашто тоа е волја на граѓаните за членство во ЕУ

Ова се ретки времиња во историјата на една држава кои се сметаат за одлучувачки за подолгорочните текови и време кога партиските и личните агенди и кариери се помалку важни од одговорноста што секој ја носи во однос на иднината на земјата и на граѓаните.

Ова го изјави шефот на дипломатијата и потпретседатл на ДУИ Бујар Османи во гостување во дневникот на Телма, појаснувајќи ја целта на условените оставки на министрите од ДУИ. Тој најави дека оставките утре формално ќе бидат доставени до премиерот на владина седница потпишани поединечно од секој од петмината министри. Оставките, рече, по автоматизам ќе се активираат веднаш штом бидат усвоени уставните измени, без нови одлуки од партијата, како што е наведено во писмото од партискиот лидер.

Во однос на ставот на опозицијата дека сега на маса се само предвремни избори, Османи оцени дека со тоа на виделина излегуваат двете различни агенди – изборите, личните агенди, партиските агенди наспроти државните интереси.

-Сите барања на опозицијата ги исполнуваме едно по едно. Бараа гаранции – ги добија од меѓународната заедница, бараа излегување на ДУИ – го добија со одлука која што влегува по автоматизам во сила. Мора секој да покаже одговорност во овие важни моменти, секој да исчекори дел од патот. ДУИ го направи својот чекор, очекуваме секоја од политичките партии да направи чекор, да се сретнеме на средина, да го обезбедиме европскиот пат, потоа ќе одиме на избори. Истиот момент кога ќе се изгласат измените, со што ќе се обезбеди европската иднина на граѓаните ќе одиме на избори. Се што ќе побараат за уставните измени ние сме спремни да исполниме, вели Османи.

Прашан за изјавата од опозицијата дека оставките се само фолирање, Османи ги повика „да ги тестираат, да ги изгласаат уставните измени“, при што, потенцираше, по автоматизам ќе се активираат оставките на министрите, но и на сите избрани функционери во Владата од редовите на партијата.

-Се обидуваме и на граѓаните да им ја пренесеме пораката дека сонот за европска перспектива се става под прашалник со оваа одлука. Сега сме на крстопат дали државата ќе се изолира со земјите кои што имаат отворени прашања и влегуваат во група на држави кои што ќе треба да ги затвараат сите отворени прашања што значи целосна билатерализација на процесот или заедно со Албанија и Црна Гора ќе бидат првите земји кои што ќе станат членки на ЕУ и ќе се исполни сонот на граѓаните за подобар живот, но, што е најважно – ќе се спречи нашиот пасош да биде помалку важен од пасошите на другите соседни држави кои што се во ЕУ. Најпатриотскиот чин што денеска можете да го направите е да обезбедите европска иднина на граѓаните, потенцира Османи.

Прочитајте и:  Мицкоски: Од црвените линии не мрдаме ни милиметар, ако ЕУ сака да е заложник на Бугарија нека не остават да си ги решиме домашните проблеми

Тој не се согласува дека опозицијата има конзистентен став околу уставните измени, туку дека постојано ги менувала затоа што, вели, не можат да најдат аргумент зошто се против уставните измени.

Прашан доколку до ноември не успеат да ги донесат уставните амандмани, кое е сценариото Б, дали ќе следат предвремени избори, Османи е уверен дека измените ќе успеат затоа што, вели, никој не успеал да ја скрши волјата на граѓаните за европската иднина на земјата.

-Уставните измени ќе успеаат затоа што е тоа волја на граѓаните за членство во ЕУ и никој не успеа во овие 30 години да ја скрши таа волја, нема да успее ниту сега. Првата битка ја добивме, граѓаните се уверија дека нема ништо спорно во уставните измени. Верувајте дека битка по битка ќе успееме пред избори да имаме уставни измени, вели Османи.

Тој повтори дека ќе нема предвремени избори.

-Убеден сум дека нема да има предвремени избори, изборите ќе бидат редовни на пролет, идната година, а до тогаш, до поседниот ден, ќе работиме на обезбедување европска иднина на граѓаните и ќе успееме затоа што ги имаме граѓаните зад нас, рече Османи.

Прашан за изјавивте од пред 2-3 недели дека ДУИ е жртва на хибриден напад на македонско политичко – бизнис лоби, тој наведе дека „тие се темелат на кредибилни информации за постоење на таков центар од луѓе, како што прецизира, поранешни и актуелни политичари, а кои се обидуваат државата да ја вратат назад 10-20 години“. Поонкретни информации најави за наредниот период.

МИА

- Реклама -