Османи: Резолуцијата на германскиот Бундестаг е само симболична потврда на она што го има во преговарачката рамка – потврда на македонскиот идентитет

„Резолуцијата на германскиот Бундестаг за поддршка на зачленувањето на Северна Македонија во ЕУ е само симболична потврда на тоа што формално го има во Преговарачката рамка, бидејќи македонскиот идентитет и без неа е загарантиран и кога ќе станеме членка, тој само уште повеќе ќе се промовира“, изјави денеска во Струга министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Во одговор на новинарско прашање за значењето на резолуцијата насловена „Активно поддржете ја Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија“ за која денеска треба да расправа и да ја усвои Бундестагот и како со неа „ќе се заштити македонскиот идентитет“, Османи на прес-конференција на „Преспа форумот за дијалог“ потенцира дека Германија е најконзистентниот поддржувач на земјава.

„Прво да се заблагодарам на политичките партии што ја иницираа оваа резолуција во германскиот Парламент. Се надевам ќе биде поддржана од сите политички партии во Бундестагот, што ќе даде сериозна порака за поддршка, што и онака не недостасуваше. Овие резолуции за поддршка се само симболична потврда на тоа што формално го има во преговарачката рамка. И без нив, идентитетот во ЕУ е загарантиран и како стануваме членка, тој само се промовира, повеќе и повеќе“, рече Османи.

Околу дилемите кои, како што рече, ги има во јавноста, тој појасни дека некои земји иницираат такви иницијативи за да им кажат на граѓаните: „точно е, во преговарачката рамка идентитетските атрибути се загарантирани“.

„Јазикот станува службен јазик на ЕУ, а тоа е докажано со потпишувањето на Фронтекс. Во едно општество во кое се разбираме еден со друг, по потпишувањето на Фронтекс, нема поголем доказ. Но еве, опозицијата ја злоупотребува темата, ги плаши граѓаните и одбиваше да го поддржи Фронтекс“, рече министерот Османи.

Османи потенцира дека Договорот со Фронтекс, кој како што нагласи, е најважниот договор што се однесува на службената употреба на македонскиот јазик во ЕУ, опозицијата одби да го поддржи.

„Не треба убедување, тоа прашање е завршено, но опозицијата продолжува да плаши и ние ги приморуваме пријателите да носат вакви резолуции и да ни го потврдуваат идентитетот. Ова е резултат на непринципиелно плашење, кога тоа прашање е затворено еднаш засекогаш“, додаде Османи.

Во германскиот Бундестаг денеска ќе расправа за неколку документи во чиј фокус е евроинтеграцијата и ситуацијата на Западен Балкан, меѓу кои и резолуцијата насловена „Активно поддржете ја Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија“, предложена од пратеници на владејачката коалиција од редовите на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Зелените и либералната Слободна демократска партија (ФДП).

Со документите германските пратеници бараат од федералната Влада на ниво на ЕУ да биде постигната согласност дека изгледите за пристапување за Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија во Унијата се „недвосмислени, веродостојни и поткрепени со опиплив напредок“.

„Во интерес на ЕУ е шесте држави од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија – кои сè уште не се членки на ЕУ, но се директно опкружени со земји-членки на ЕУ, да постигнат долгорочна стабилност, владеење на правото, мирно решавање на споровите, цврсти демократски структури и економски просперитет. За да се случи тоа, овие земји мора да се влачат во ЕУ“, посочуваат во германскиот Бундестаг.

МИА

- Реклама -