Османи: Уште бугарски избори ни фалат па да ги пореметиме граѓаните

Време да се стави крај на вициозниот циклус на меѓусебни обвинувања, изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска во одговор на новинарско прашање дали ќе испрати протестна нота до Бугарија за демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград, на денешната прес-конференција по Конференцијата за борба против антисемитизмот што се одржа во Скопје.

„Ние имавме долго соопштение од МНР вчера во коешто ги коментиравме сите аспекти од случувањата. Мислам дека сите си кажавме тоа што имавме да кажеме. Ние ги кажавме нашите ставови, Бугарија ги кажа своите ставови, и време е да кажеме доста е на оваа пинг-понг дебата меѓу нашите општества и наше вовлекување во бугарската предизборна кампања. Само во Северна Македонија од 2006 има 15 изборни циклуси. Речиси секоја година. Уште ни требаат и бугарските избори да ни влезат во нашето општество, и да ги пореметиме граѓаните. Мислам дека тука треба да ставиме црта“, рече Османи.

Тој повтори дека сѐ што требале да ѝ кажат на Софија ѝ кажале преку соопштенија, а денеска дури, како што рече, и до Европскиот парламент информирале по однос на написите на еден европски пратеник од Бугарија.

„Но навистина мислам дека треба да ставиме црта, затоа што ова нема да има крај и понатаму ќе ескалираат и ние ќе бидеме вовлечени во вртлогот на нестабилното политичко општество во Бугарија, а за тоа има интерес од политички фактори и други фактори кај нас. За жал имам чувство дека има невидлива рака којашто ги пореметува и поттикнува овие работи и во Бугарија и кај нас. Ние не смееме да потклекнеме на таквите провокации, имаме доста предизвици овде, имаме скрининг којшто е во тек, имаме реформи што треба да ги спроведуваме и да ги поштедиме граѓаните од овој немир, да ја оставиме дипломатијата да си ја врши својата работа и да ја повикам Бугарија да стави стоп на оваа каскада на меѓусебни обвинувања, да воспоставиме комуникација, да ја вратиме позитивната агенда и сите разлики ќе ги најдеме на маса меѓу дипломатите“, рече Османи.

Прочитајте и:  Реслер: С. Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да ја сфати геополитичката димензија - во неа нема место за билатерални уцени

Тој испрати порака до Бугарија дека од македонската страна е подготвена да продолжи таму каде што се застанало во меѓусебната комуникација.

„Сакам да испратам порака до Бугарија – ние сме спремни да продолжиме таму каде што оставивме, да ја видиме позитивната агенда, да го вратиме психолошкиот мир меѓу нашите граѓани и да разговараме за иднината. Да ставиме црта на тој вициозен циклус на меѓусебни обвинувања. Сакам да ставам црта – ако има разбирање во Република Бугарија и го прифатат овој наш повик, тоа ќе биде во интерес на двете држави, доколку не, тогаш ќе се адаптираме на новиот развој на случувањата“, рече Османи.

Извор: МИА

- Реклама -