Османи во Брисел: Северна Македонија е пример на Балканот за функционална мултиетничка демократија

„Република Северна Македонија покажа дека и во регион како Балканот полн со предрасуди, државите можат да бидат и функционални мултиетнички демократии и служи како пример, не само за регионот, туку и пошироко, за што доказ е и претседавањето на земјата со ОБСЕ“, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи на седница на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.

Како што соопшти МНР, Османи на седницата одговарал на бројните прашања на европратениците поврзани со актуелните предизвици со кои се соочува земјава на патот кон Унијата, како што се скрининг процесот, спроведувањето на реформската агенда, уставните измени, па сѐ до статусот на етничките заедници со фокус на бугарската етничка заедница.

Османи истакнал дека тоа што ги разликува државниците од политичарите е „фактот дека државниците од Северна Македонија мислат за идните генерации, наспроти политичарите кои мислат само за следните избори“.

Во тој контекст, Османи нагласил дека државата има цел да изгради совршен однос кон сите заедници, без разлика на нивната бројност, каде сите граѓани без разлика на својата етничка припадност ќе имаат ист третман, но дека истовремено е потребно да се создава соодветна атмосфера и во соседна Бугарија и да се напушти праксата на провокации од политичари кои сред Скопје го негираат македонскиот идентитет и македонскиот јазик.

Прочитајте и:  Реслер: С. Македонија мора да направи конкретен чекор, но и ЕУ да ја сфати геополитичката димензија - во неа нема место за билатерални уцени

„Договорот со Бугарија и договорот со Грција и Охридскиот рамковен договор се трите столба на евроатлантска Северна Македонија. И јас се гледам себе си како чувар на трите договори. Јас уште еднаш пружам рака дека во Северна Македонија имаме цел да изградиме перфектно општество како однос на државата кон сите заедници независно колку се тие бројни“, истакнал Османи.

Уставните измени, нагласил тој, ќе значат и формално можност за интегрирање на бугарската заедница.

„Почнува првата средба на Комисијата за уставни измени и со тоа почнува јавната дебата за уставните измени. Ќе се обидеме да стигнеме до секој граѓанин и да објасниме дека овој процес е важен и за интегрирањето на заедниците, меѓутоа и за продолжување на патот кон Европската Унија, но тоа нема да можеме да го направиме сами. За тоа ќе ни треба поддршка. Поддршка од вас во смисла на вбризгување кредибилитет во процесот“, рекол шефот на дипломатијата пред европратениците.

Меѓу другото, тој повикал на јасни сигнали од Брисел за кредибилен и предвидлив евроинтегративен процес, како одговор на евроскептицизмот кој е во раст во земјава.

Извор: МИА

- Реклама -